Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) најавува повеќе книги и автори во понудата за странските издавачи, со акцент на продажбата на авторски права и поддршката за преводи.
Саемот ќе се одржи од 7 до 11 октомври, а земја почесен гостин на неговото 78. издание е Чешка.
Македонскиот настап ќе го задржи концептот „Читај во 7/8“, воведен минатата година. Националниот штанд ќе има освежен изглед, а понудата ќе биде организирана за полесно претставување на авторите и делата пред меѓународниот издавачки сектор.
МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање преводи на странски јазици. Целта е странските издавачи, покрај книгите, да добијат информации и за можностите за финансиска поддршка за нивно објавување.
„Нашата цел е интересот за македонските автори да го претвораме во конкретни преводи, изданија на други јазици и долгорочни партнерства“, вели Бојан Саздов, претседател на МАИ.
Според него, присуството во Франкфурт е процес што се гради од година во година, преку каталози, директни контакти и соработка со странски издавачи.
Делегацијата ќе ја сочинуваат претставници на издавачките куќи членки на МАИ. Покрај сопствените издавачки програми, тие ќе ги претставуваат и авторите и делата вклучени во заедничките каталози, со цел да договорат нови преводи и странски изданија.
Националното претставување се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.