Петмина уапсени во Србија поради сомнение за сексуална експлоатација на деца на интернет

Според полицијата, осомничените подолг период преземале, чувале и споделувале фотографии и видеоснимки со сексуална злоупотреба на деца

Српската полиција уапси пет лица во продолжението на акцијата „Армагедон“, поради сомнение за сексуална експлоатација на деца на интернет и сексуално вознемирување. Против уште едно лице беше поднесена кривична пријава во редовна постапка.

Акцијата беше спроведена на подрачјата на Белград, Прокупље, Суботица и Сремска Митровица, по налог на надлежното обвинителство за високотехнолошки криминал, соопшти српското Министерство за внатрешни работи.

Според полицијата, осомничените подолг период преземале, чувале и споделувале фотографии и видеоснимки со сексуална злоупотреба на деца. Дел од сомневањата се однесуваат и на користење лажни профили за воспоставување контакт со малолетници.

При претресите на домовите и проверките на електронската опрема беа пронајдени спорни материјали и пораки упатени до малолетни лица. Еден од уапсените е осомничен дека преку лажни профили побарал и добил интимни фотографии од дете.

На петмината им беше одредено задржување до 48 часа, по што ќе бидат изведени пред надлежното обвинителство. Полицијата продолжува да ги утврдува обемот на злоупотребите и сите околности на случајот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс