Унгарија го повлекува ветото: Украина и Молдавија добиваат зелено светло за продолжување на преговорите со ЕУ

По долгогодишната блокада за време на Виктор Орбан, Будимпешта се согласила да ги отвори и последните два преговарачки кластера, со што се откочува процесот за двете кандидатки.

Унгарската блокада на европскиот пат на Украина и Молдавија се приближува кон крајот. Будимпешта денеска ги повлекува приговорите за отворање на последните два преговарачки кластера, потврдиле дипломатски извори. Со тоа на двете земји им се отвора можноста да ги започнат преговорите за сите области од членството во Европската Унија, објави „Еуроњуз“.

Одлуката била најавена од унгарскиот државен секретар за европски прашања, Андраш Биро-Наѓи, за време на расправата за проширувањето пред вчерашниот состанок на Советот за општи работи во Брисел. Според дипломатски извори, Унгарија планира да се откаже од ветото на состанокот на амбасадорите на земјите членки.

Досега Будимпешта ја блокираше кандидатурата на Украина, а со тоа го забавуваше и напредокот на Молдавија, чиј пристапен процес беше поврзан со украинскиот. Промената на ставот доаѓа по смената на власта во Унгарија, каде што Петер Маѓар го наследи Виктор Орбан по 16 години негово владеење.

Првиот преговарачки кластер беше отворен во јуни, вториот во јули, а следните два во октомври. Со повлекувањето на последните приговори, Украина и Молдавија би можеле да ги отворат сите кластери.

Договорот за унгарското малцинство ја откочи блокадата

Промената на унгарската позиција следува по договорот меѓу Киев и Будимпешта за правата на унгарското малцинство во западна Украина. Договорот беше постигнат минатиот месец, а потоа изгласан и во украинскиот парламент.

Унгарската влада по ова беше подготвена за следниот чекор, но отворањето на последните два кластера беше одложено за уште неколку недели. Одлуката беше политички чувствителна и во самата Унгарија, по долгогодишната антиукраинска реторика за време на владеењето на Орбан.

Петер Маѓар и украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе одржаа и прва билатерална средба, на 16 октомври во Брисел, на маргините на самитот на Европскиот совет. Средбата беше дел од напорите за подобрување на односите меѓу двете соседни земји.

Земјоделството – една од најтешките пречки за Украина

Отворањето на последните кластери ќе овозможи преговори и за некои од најчувствителните области, меѓу кои се животната средина и земјоделството. Токму земјоделството би можело да биде едно од најголемите предизвици за Киев.

Европската комисија, под притисок на земји како Полска и Франција, предложи ограничување на пристапот до европските фондови и пазарот на ЕУ за одредени украински земјоделски производи. Киев, пак, предупредува дека трајното исклучување на украинските земјоделци од европскиот пазар е неприфатливо.


Украинскиот премиер Сергиј Корецки порача дека евентуалните ограничувања мора да бидат привремени и пропорционални. Повлекувањето на ветото не значи дека членството е на дофат или дека преговорите ќе завршат брзо. Отворањето на кластерите е само почеток на процесот во кој кандидатките ќе мора да ги усогласат законите и практиките со европските стандарди. Во текот на преговорите, земјите членки имаат повеќе од сто можности да вложат вето и да го запрат напредокот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс