Украинскиот пијанист Вадим Холоденко, кој важи за еден од технички најнадарените и музички најизразени пијанисти од својата генерација, вчеравечер одржа пијано-рецитал во црквата „Света Софија“, во рамки на фестивалот „Охридско лето“.
Холоденко се врати на фестивалскиот репертоар по осум години, со настап во кој ја потврди репутацијата на изведувач препознатлив по техничка прецизност, драматични интерпретации и внимателно градење на музичката структура.
„Се радувам што сум повторно на фестивалскиот репертоар“
Пијанистот рече дека со задоволство повторно настапува на „Охридско лето“ и дека го памети претходниот настап во Охрид по внимателната публика и посебната атмосфера.
„Се радувам што сум повторно на фестивалскиот репертоар. Се сеќавам и на последниот настап овде кога публиката беше многу внимателна и беше вистинско задоволство да се свири“, рече Холоденко.
На програмата биле „Фантазија“ од Роберт Шуман и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз, во транскрипција за пијано од Франц Лист.
„Вечерва програмата беше навистина посебна. Ја изведов „Фантазија“ од Роберт Шуман, а потоа и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз која, иако е напишана за оркестар, Франц Лист ја направил како транскрипција за пијано. Сметам дека е навистина интересно дело за изведување на пијано. Звучи сосема поинаку, но има своја смисла“, изјави пијанистот.
Тој посочи и дека е интересно што самиот Шуман првпат ја слушнал „Фантастичната симфонија“ токму преку транскрипцијата на Лист, а не во оркестарската верзија.
Пијанист со меѓународна кариера
Холоденко важи за еден од значајните пијанисти на својата генерација. Меѓународното внимание го привлече во 2013 година, кога победи на престижниот Меѓународен пијанистички натпревар „Ван Клибурн“ во САД.
Во досегашната кариера настапувал како солист и со оркестри во Европа, Северна Америка и Азија.
За „Хармонија Мунди“ ги снимил концертите од Григ и Сен-Санс, како и комплетните концерти за пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев. Овие изданија добиле високи оценки од магазинот „Грамофон“, биле избрани како „избор на критичарите“ од „Би-би-си мјузик магазин“ и ја добиле наградата „Златен дијапазон“.
Неговиот последен албум, издаден за „Кварц мјузик“ во 2022 година, со Бетовеновите „Дијабели“ варијации и делото „Обединетите народи никогаш нема да бидат поразени“ од Ржевски, бил одлично примен од стручната критика.
Роден во Киев, образован во Украина
Вадим Холоденко е роден во Киев. Музичкото образование го започнал во Украина, а го продолжил на Конзерваториумот „П. И. Чајковски“.
Добитник е на повеќе награди на меѓународни натпревари, а неговите настапи се препознаени по силната музичка драматургија, прецизноста и исклучителната техничка подготвеност.