Фон дер Лајен во Скопје: Разговори за реформите и преговорите со Бугарија

Претседателката на Европската комисија ја завршува балканската турнеја со средби кај Мицкоски и Сиљановска-Давкова, додека македонската влада бара Брисел да се вклучи во дијалогот со Софија.
Фото: . EPA/RONALD WITTEK

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска престојува во официјална посета на Скопје, каде со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе разговара за реформите, евроинтеграциите и преговорите со Бугарија. Со оваа посета шефицата на ЕК ја финализира турнејата низ Западен Балкан, наменета за приближување на регионот кон единствениот пазар и реализација на Планот за раст вреден шест милијарди евра.

Скопје е последната станица од есенската турнеја на Урсула фон дер Лајен низ регионот. Во центарот на нејзината европска агенда е имплементацијата на финансискиот пакет од шест милијарди евра, со кој Европската унија планира да ги доближи економиите од Западен Балкан до единствениот пазар уште пред формалното зачленување.

Агендата во Скопје предвидува институционални средби со претседателот на Владата и со шефицата на државата, проследени со работен состанок на владиниот кабинет и заедничка прес-конференција. Фокусот на европската делегација е ставен врз исполнувањето на реформите од домашното законодавство што се директен услов за повлекување на траншите од европскиот фонд.

Премиерот Христијан Мицкоски пред средбите соопшти дека фокусот на разговорите со Фон дер Лајен ќе биде ставен врз процесот на проширување, реформската агенда и надминувањето на блокадата од Софија. Според него, досегашните билатерални разговори без посредници не даваат резултат, поради што е потребно директно учество на Европската комисија.

Пред пристигнувањето во Скопје, Фон дер Лајен ги посети Тирана, Подгорица и Приштина. Најсилната политичка порака ја испрати од Црна Гора, каде отворено соопшти дека Европската унија верува оти земјата може да стане 28. полноправна членка до 2028 година.

Во Тирана посочи дека патот до членството бара суштински реформи во фундаменталните поглавја, додека во Приштина порача дека пресудите на судот во Хаг за поранешните водачи на ОВК мора да се почитуваат без исклучок.

Оваа рунда разговори се одвиваше во скратен состав. Србија и Босна и Херцеговина не беа дел од маршутата на претседателката на ЕК. Од Европската комисија соопштија дека посетите на Белград и Сараево ќе се реализираат дополнително, откако во двете земји ќе завршат изборните процеси.

е-Трн да боцка во твојот инбокс