Ураганот Симон се засилува и се заканува на брегот на Мексико

Се очекува ураганот во недела да го погоди брегот помеѓу Манзаниљо, едно од најважните пристаништа во Мексико, и Пуерто Ваљарта

Ураганот Симон брзо се засилува над Тихиот Океан покрај брегот на Мексико, а метеоролозите предупредуваат на можноста за разорни бури, поплави и лизгање на земјиштето во област позната по своите туристички дестинации и рибарски села, објави денес Ројтерс.

Според Националниот центар за урагани на САД (NHC), во петокот во Симон дувале ветрови со брзина од околу 110 милји на час, приближувајќи се кон категорија 3 на скалата Сафир-Симпсон. Прогнозите предвидуваат дека до сабота би можел да достигне категорија четврта.

Се очекува ураганот да го погоди брегот помеѓу Манзаниљо, едно од најважните пристаништа во Мексико, и Пуерто Ваљарта, популарна туристичка дестинација со речиси 300.000 жители, во недела.

Можни опасни поплави и лизгање на земјиштето

Метеоролозите предупредија на можноста за поплави и лизгање на земјиштето кои се опасни по живот. Се очекува делови од државите Мичоакан, Колима, Халиско и Најарит да добијат локално до 762 милиметри дожд.

Мексиканските власти веќе презедоа превентивни мерки. Морнарицата активираше тимови за итна интервенција во сојузната држава Колима, го ограничи поморскиот сообраќај и затвори одредени пристаништа за помали бродови. Во Манзаниљо, рибарите ги извлекоа бродовите од плажите, додека властите поставија црни знамиња за да ги означат затворените плажи.

Метеорологот Тајлер Ројс од „АкуВетер“ предупреди дека ураганот „Симон“ би можел да има најголемо влијание врз тој дел од мексиканскиот пацифички брег од ураганот Лидија во 2023 година, кој оштети илјадници домови и уништи земјоделски посеви.

Мексико сè уште се справува со последиците од претходните бури. Ураганот Поло го погоди полуостровот Баха Калифорнија минатата недела како бура од категорија 2, соборувајќи дрвја и далноводи и предизвикувајќи поплави и материјална штета.

е-Трн да боцка во твојот инбокс