ЕПИ: Жртвите на насилство тонат во долгови, државата потфрли во заштитата

Извештајот во сенка на ЕПИ открива дека жените преживуваат со кредити и еднократна помош од 250 евра, додека ревизијата откри дека две третини од мерките за заштита останале само на хартија.

Над 90 отсто од жените што преживеале семејно насилство се принудени да земаат брзи кредити и позајмици за да ги пребродат првите месеци, додека државата ги остава без долгорочна поддршка за реинтеграција, покажува новиот Извештај во сенка за Поглавје 23 на Институтот за европска политика – Скопје. Документот за периодот октомври 2025 – јуни 2026 година предупредува на сериозен расчекор меѓу законите и реалната заштита на основните човекови права.

Институционалната заштита на жените потфрла таму каде што е најпотребна. Според извештајот на Државниот завод за ревизија, дури 20 од вкупно 52 мерки за спроведување на Истанбулската конвенција воопшто не се реализирани, а уште 10 се спроведени само делумно. Македонија се наоѓа на третото место во Европа според стапката на фемициди извршени од партнери. Во извештајниот период земјата ја потресе и случај на сериски убиец во Кумановско со елементи на фемицид, како и низа свирепи убиства во Штип, Битола, Гостиварско и Зелениково.

Државната помош за жртвите се сведува на еднократна сума од 15.000 денари (околу 250 евра). Без институционално организирано домување и вработување, повеќето жртви остануваат економски заробени. Парламентот донесе законски измени со кои телесните повреди од семејно насилство задолжително се гонат по службена должност, но одби да воведе електронски мониторинг за насилниците.

Сликата во казнено-поправните установи останува алармантна. Статистиката на Советот на Европа покажува дека македонските затвори се пренатрупани, со 104 затвореници на секои 100 слободни легла. Истовремено, земјата го држи европскиот рекорд со просечна должина на затворските казни од 18 месеци, што е двојно повеќе од просекот на ЕУ од 8,8 месеци. Оваа ригидна казнена пракса и одбивањето на судовите почесто да изрекуваат условни или алтернативни казни само го зголемуваат притисокот врз и онака супстандардните ќелии.

Во текот на 2025 година Народниот правобранител постапувал по 34 предмети за тортура и нечовечки третман од страна на полицијата и затворските чувари. Осудениците редовно пријавуваат претепувања, лоши хигиенски услови и отсуство на основни лекови. Владата лани дури мораше со унилатерална декларација пред судот во Стразбур да признае тортура врз осуденик од страна на затворски службеник и изостанок на официјална истрага.

Детските права се соочуваат со недозволиви системски пропусти. Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам нотира дека речиси ниту една полициска станица во државата нема просторија приспособена за разговор со малолетници. Инспекторите ги испрашуваат децата во обични канцеларии, што го крши меѓународниот стандард за правосудство по мерка на детето и создава трауми.

Бројките покажуваат пораст на малолетничката деликвенција за речиси 4 отсто, но најтемната точка останува сексуалната експлоатација. Анализите на омбудсманот бележат 98 деца жртви на сексуална злоупотреба во 2025 година, при што институциите реагираат дури откако ќе ескалираат најтешките форми на насилство и принуда.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација лани постапувала по 559 предмети, а повеќе од половината од претставките се однесуваат на прекршувања во работните односи. Посебно ранливи се бремените работнички. Регистрирани се низа случаи каде што на жени им бил прекинат договорот за работа веднаш по отворањето боледување за патолошка бременост, од приватни фирми до јавни здравствени установи.

Истовремено, маргинализираните заедници и понатаму се соочуваат со ѕид од бирократија. Судовите потврдија дека државата врши системска дискриминација со неспроведувањето на законот за лични документи, поради што околу 160 Роми сè уште немаат матични книги и пасоши. Пречки има и за лицата со попреченост, кои државата административно ги малтретира со задолжително преоценување на секои шест месеци дури и кога станува збор за траен и неповратен инвалидитет.

е-Трн да боцка во твојот инбокс