Уништено детско игралиште во Кисела Вода ги револтира граѓаните: Ќе се осакати некое дете

Кршењето на реквизитите на булеварот „Борис Трајковски“ се повторува со месеци, а локалните жители бараат полициски патроли и строги санкции.

Жителите на Општина Кисела Вода бараат одговорност и казни по најновиот бран оштетувања на детското игралиште лоцирано на булеварот „Борис Трајковски“, спроти самата општинска зграда. Локалното население преку социјалните мрежи алармира за уништените реквизити кои претставуваат опасност за најмладите, посочувајќи дека просторот бил поправан во повеќе наврати, но веднаш потоа повторно демолиран од несовесни групи во доцните вечерни часови.

Детското катче на булеварот „Борис Трајковски“ повторно е надвор од функција. Фотографиите споделени во локалната заедница покажуваат искршени делови, оштетена урбана опрема и конструктивни елементи кои можат да предизвикаат повреди кај децата што го користат просторот.

Според граѓаните, ова не е прв ваков инцидент на истата локација. Општината и јавните служби претходно интервенирале за санација на дел од опремата, но санираните делови траеле кратко пред повторно да бидат цел на вандализам.

„Жалосно е како изгледа просторот во моментов. Неколку пати се поправаше и сè е залудно, културата доаѓа од дома. Ќе се осакати некое дете, па после кој ќе биде крив и кој ќе одговара? Следен пат повикувам полиција и нема да си заминам додека не дојде родител или старател на сторителите“, пишуваат граѓаните на фејсбук-страницата „Кисела Вода – Пријави проблем“.

Граѓаните посочуваат дека најголемиот дел од уништувањата се случуваат по 23 часот, кога на игралиштето се собираат постари групи млади лица. Жителите бараат инсталирање видеонадзор, редовни полициски патроли во ноќните часови и изрекување конкретни парични казни за сторителите или нивните родители.

е-Трн да боцка во твојот инбокс