ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“ од Гевгелија, во рамки на овогодишната Детска недела, организира промоција на сликовниците „Кошница со калинки“ и „Штркот Гвин“ од македонската поетеса и книжевен критичар Марина Мијаковска. Настанот ќе се одржи денеска во малата сала на Народниот театар во Гевгелија со почеток во 15:30 часот. Двете изданија се во издание на „Едука мак“ од Скопје, со илустрации на Игор Јовчевски и под уредништво на Ели Маказлиева.
Сликовницата „Кошница со калинки“ е наменета за деца од предучилишна и рана училишна возраст. Низ приказната авторката ги запознава најмладите со тоа каде, кога и како цути, расте и созрева калинката, каква боја имаат цутот и плодот, како и зошто овој плод е корисен за здравјето.
Дејството се развива преку љубопитноста на девојчето Калина. Набљудувајќи го дрвото во бабината градина, таа учи за калинките и стекнатото знаење ѝ го пренесува на својата другарка Лина, откривајќи ја тајната на благословот во набраната кошница. Визуелниот дел на изданието го потпишува илустраторот Игор Јовчевски.
Второто издание, „Штркот Гвин“, е насочено кон децата од училишна возраст, но содржината е обликувана да го задржи вниманието и на повозрасните читатели. Главниот протагонист доаѓа во Скопје како гостин од Трансилванија, по што постепено станува домаќин во градот.
Низ неговите патувања читателите учат за животот, преселбата и исхраната на штрковите, но и за препознатливите белези на македонската култура и градските локации како Скопското Кале, Старата скопска чаршија, Камениот мост и плоштадот. Приказната ја нагласува пораката дека домот не претставува само физичка локација, туку чувство на заедништво и припадност.