Џиновските желки, кои некогаш беа на работ на исчезнување, денес се побројни од луѓето во својата татковина, на Сејшелите, покажа ново истражување спроведено на еден од најоддалечените острови на оваа африканска држава.
Истражувањето, предводено од Фондацијата за островите на Сејшелите (SIF) и Универзитетот во Ексетер од Велика Британија, процени дека на атолот Алдабра, група острови во Индискиот Океан крај источниот брег на африканското копно, живеат околу 180.000 алдабрански џиновски желки, пишува Си-ен-ен (CNN).
Тоа е најголемиот број досега забележан за овој вид и далеку го надминува бројот на жители на малата островска држава, кои бројат околу 122.000.
Атолот Алдабра е едно од само двете места во светот каде што џиновските желки живеат во дивина. Значително помала популација ги населува островите Галапагос во Еквадор.
Алдабра претставува еден од најсочуваните островски екосистеми во светот и е дом на неколку уникатни видови кои опстојуваат во ова оддалечено природно прибежиште.
Бројноста на овој вид заздраве по драматичниот пад. Интензивниот лов и експлоатацијата на желките во текот на 19 век ја намалија нивната популација на островот на помалку од 1.000 единки, доведувајќи го видот до самиот раб на истребување.
Програмата за закрепнување придонесе атолот во 1981 година да добие статус на строг природен резерват. Само една година подоцна, тој беше вклучен на листата на светско наследство на УНЕСКО, со што беа создадени услови за обновување на популацијата.
„Повеќе од 180.000 џиновски желки кои слободно шетаат низ нашиот атол се доказ за тоа што може да постигне долгорочната посветеност на зачувувањето на природата“, изјави Фрауке Флајшер-Догли, извршна директорка на Фондацијата за островите на Сејшелите.
„Ова се прекрасни вести за Сејшелите, за целиот свет и за сите кои работеа на заштитата на Алдабра“.
Како научниците ги пребројаа желките?
Изработката на новата проценка бараше многу повеќе од обично пребројување. Податоците се базираат на анализа на броењето на желките во текот на пет години, од 2018 до 2022 година. Ова е прво ажурирање по често цитираната проценка од доцните деведесетти години, според која на атолот живееле 100.000 желки.
„Програмата за следење на џиновските желки на Алдабра е една од најдолготрајните во регионот, но поради густата вегетација на атолот, на одредени места е навистина тешко да се пребројат желките“, изјави Ненси Банбери, една од авторките на истражувањето.
Таа додаде дека тимот научници изработил најсигурна почетна проценка за бројноста на овој вид, која ќе служи како основа за следење на неговата популација во текот на наредните децении.
И покрај охрабрувачките резултати, авторите на истражувањето предупредуваат дека е неопходно да се продолжи со заштитата на желките. Климатската криза носи подолги и почести суши, кои би можеле да го намалат количеството на сенка и храна достапни за овие животни. Порастот на нивото на морето, предизвикан од затоплувањето на планетата, исто така ги загрозува ниските живеалишта на атолот.
Најстарата позната желка на светот, Џонатан, кој има 194 години, најверојатно потекнува токму од атолот Алдабра или од гранитните острови на Сејшелите.
Гинисовата книга на рекорди го наведува Џонатан како најстаро живо копнено животно и најстара желка некогаш евидентирана. Се верува дека имал околу 50 години кога во 1882 година бил пренесен на Света Елена, британска прекуморска територија во јужниот Атлантик.