Хрват роден во Босна кој се сметаше за Србин: Како Иво Андриќ совршено го сумираше Балканот во своето творештво

Животот и патот на Иво Андриќ – од младобосанец и дипломат низ европските метрополи, до автор на ремек-делата што му ја донесоа Нобеловата награда за литература.

Иво Андриќ е еден од најистакнатите писатели од просторите на поранешна Југославија. Роден е во 1892 година во Долац крај Травник, а почина во Белград во 1975 година. Неговото монументално дело „Мостот на Дрина“ му ја донесе Нобеловата награда за литература. Неговите приказни, иако напишани во некое друго време, и денес остануваат актуелни и релевантни.

Иво Андриќ рано останал без татко, па со мајка му подоцна се преселил во Вишеград, местото што подоцна ќе стане инспирација за неговото најпознато дело. Таму завршил основно училиште, а гимназија во Сараево. Во 1912 година заминува во Загреб каде што се запишува на студии по филозофија и славистика. Студирал и во Виена и во Краков.

Неговата младост била обележана со учество во револуционерните кругови кои се бореле против австроунгарската власт, поради што во 1914 година бил уапсен. По Првата светска војна го продолжува образованието и започнува дипломатска кариера.

Како дипломат, Андриќ работел во повеќе европски градови. Живеел во Париз, Мадрид, Берлин и станал интернационален човек. Ги сакал различните култури и својата работа. Сепак, неговата дипломатска кариера завршила кога настапила Втората светска војна. Тогаш се преселил во Белград, каде што го чекал крајот на војната пишувајќи.

Книжевна кариера

Во тоа време ги напишал своите најпознати дела: „Мостот на Дрина“, „Травничка хроника“ и „Госпоѓица“. Освен тоа, напишал бројни есеи и раскази. Во своите дела често се занимавал со теми од историјата и вклучувал ликови од различни култури и религии.

Во „Травничка хроника“ се занимава со судбината на луѓето во малото босанско гратче Травник за време на Наполеоновите војни. Освен што го доловува времето од раниот 19 век, Андриќ во романот покажува како одлуките на високите функционери влијаат врз обичниот народ. Во „Госпоѓица“ Андриќ не внесува толку историски мотиви, туку им се посветува на проблемите на недостижните желби, алчноста и човечкиот материјализам.

Во 1961 година е награден со Нобеловата награда за литература, поради „епската сила со која ги обликува мотивите од историјата на својата земја“.

Го нарекуваат југословенски книжевник поради хрватското потекло, босанскиот дом и српскиот идентитет. Лично верувал во југословенската идеја и го поддржувал создавањето на стабилна Југославија со цел да се осигура мирот на Балканот. Починал во 1975 година, неколку години откако се повлекол од деловниот и уметничкиот живот. Погребан е во Алејата на заслужните граѓани во Белград.

е-Трн да боцка во твојот инбокс