Мрежата за заштита од дискриминација упати отворено писмо до претседателката Гордана Силјановска-Давкова, барајќи одговор дали шефицата на државата знае какви вредности легитимира по нејзината средба со здружението „Јас сум жена“. Поводот е средбата од 6 октомври 2026 година, по која граѓанските организации алармираат дека ова здружение е поврзано со меѓународни структури што отворено се залагаат против репродуктивните слободи.
На 6 октомври, претседателката Силјановска-Давкова оствари средба со претставничките на „Јас сум жена“, претставена во јавноста преку активности за женско вмрежување и економско јакнење. Од Мрежата за заштита од дискриминација реагираат дека економската независност не смее да послужи како параван зад кој ќе се сокријат политичките и вредносните позиции на меѓународните партнери на ова здружение. Претседателката на организацијата, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, прв човек на американската организација „Мајки за Америка“, и Рејчел Скот.
Писмото ви го пренесуваме во целост:
ПРЕТСЕДАТЕЛКЕ, ЗНАЕТЕ ЛИ ЧИИ ВРЕДНОСТИ ЛЕГИТИМИРАТЕ?
Претпоставуваме дека Претседателката знае со кого се среќава. Но сметаме дека и жените во Македонија имаат право да знаат какви политики и вредности застапуваат организациите и меѓународните мрежи на кои највисоката државна институција им дава јавен простор и легитимитет.
На 6 октомври 2026 година, Претседателката Гордана Силјановска-Давкова повторно се сретна со претставнички на здружението „Јас сум жена“, при што организацијата беше претставена низ активности за женско вмрежување и економско јакнење.
Економската независност на жените е важна. Но економското јакнење не може да биде параван зад кој ќе останат невидливи политичките и вредносните позиции на мрежите со кои една организација е поврзана.
Претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, е коосновачка на меѓународната мрежа „Мајки за слобода“, заедно со Кимберли Флечер, основачка и претседателка на американската организација „Мајки за Америка“, и Рејчел Скот. Во октомври 2025 година во Охрид беше промовирана и иницијативата „Мајки за Македонија“, како дел од оваа глобална мрежа.
Самата Кимберли Флечер изјави дека повеќе лидери и организации побарале моделот на „Мајки за Америка“ да се пренесе и во други земји и дека Македонија има едно од клучните места во новата меѓународна мрежа.
Токму затоа ова не е само приказна за женско вмрежување, мајчинство или претприемништво. Ова е политичко и вредносно прашање. „Мајки за Америка“ отворено се позиционира како организација против правото на абортус. Нејзиното политичко крило учествува во политички процеси, оценува кандидати и ги испитува нивните ставови за абортусот, вклучително и позицијата против абортус без исклучоци.
Затоа мора јасно да прашаме: Дали навистина станува збор само за организација за поддршка и економско јакнење на жените, или за дел од поширока меѓународна мрежа против човековите права која активно работи на ограничување на репродуктивните права?
За нас, токму правото на абортус е клучната линија. Жените во Македонија ова право не го добиле како подарок. Тоа е дел од повеќедецениската борба за еманципација, телесна автономија и еднаквост. Нашите баби и прабаби се избориле за право на глас, образование, работа, сопствен приход и учество во јавниот живот. Уште Уставот на СФРЈ од 1974 година го утврдил принципот дека човекот има право слободно да одлучува за раѓањето деца.
Дали во 2026 година некој повторно ќе се обидува ова стекнато право да го врати на преговарачка маса?
Тоа е особено важно затоа што современите антиродови и движења против човековите права ретко настапуваат директно со порака дека ќе ги ограничуваат правата. Најчесто доаѓаат преку навидум прифатливи теми:семејство, мајчинство, безбедност на децата, женско лидерство, претприемништво, економско јакнење и иновации. Потоа се градат партнерства, се отвораат врати кон институции, компании, медиуми и носители на одлуки, а организациите постепено стекнуваат легитимитет и надвор од областите во кои првично се претставувале.
Особено загрижува тоа што ваквите мрежи сѐ почесто влегуваат и во деловни асоцијации, дигитални заедници, технолошки и стартап екосистеми, каде се претставуваат преку теми како женско лидерство, претприемништво, иновации и економско поврзување. Веруваме дека голем дел од компаниите, бизнис-асоцијациите и стартап-заедниците што им отстапуваат простор тоа го прават со добра намера, поддржувајќи женско претприемништво и вмрежување, без нужно да бидат свесни за пошироките политички и идеолошки врски на организациите со кои соработуваат.
Но токму затоа е неопходна поголема внимателност. Затоа упатуваме апел до бизнис-асоцијациите, дигиталните и технолошките заедници, стартап-екосистемот, компаниите и инвеститорските мрежи во Македонија да проверат кому му даваат платформа, со какви меѓународни структури се поврзани тие организации и какви политики застапуваат нивните партнери.
Женското претприемништво не смее да стане влезна врата за легитимирање на агенди кои се против човековите права.
Ги повикуваме институциите, компаниите, донаторите, медиумите, професионалните мрежи и граѓанските организации внимателно да ги преиспитаат партнерствата и да проверат со кого се поврзуваат и какви вредности застапуваат мрежите на кои им даваат видливост и легитимитет.
Ова не е повик некого да замолчиме. Ова е повик сите отворено да кажат за што се залагаат. А јавноста има право да знае. Посебно е проблематично кога ваквите политики се претставуваат како враќање кон „традиционалните вредности“.
Затоа потсетуваме дека и борбата за слободна и рамноправна жена е наша традиција. Нашата традиција е антифашистичката борба. Нашата традиција е женското организирање. Нашата традиција се жените што се избориле да гласаат, да учат, да работат, да заработуваат и самостојно да одлучуваат за својот живот. Нашата традиција е и жената која одлучува дали и кога ќе стане мајка.
Затоа јавно ја прашуваме Претседателката Силјановска-Давкова:
1. Дали, кога им дава јавен простор и институционален легитимитет на претставничките на „Јас сум жена“, е целосно запознаена со нивната улога во основањето на „Мајки за слобода“ и со политичките позиции и активностите на „Мајки за Америка“?
2. Дали знае дека оваа организација активно лобирала за промени што придонеле кон укинување на федералната заштита на правото на абортус во САД?
3. Дали за институцијата Претседател економското јакнење на жената подразбира и нејзино право сама да одлучува за сопственото тело, бременоста и репродуктивното здравје?
И конечно: Дали ќе дозволиме правото на абортус, за кое генерации жени пред нас се бореле и кое со децении го сметаме за дел од нашата еманципација, повторно да стане предмет на идеолошко преговарање?
Антиродовите и движења против човековите права не секогаш доаѓаат со радикална парола. Понекогаш доаѓаат преку конференција за женско лидерство, преку настан за вмрежување. преку бизнис-асоцијација. преку дигитална или старт ап заедница, преку зборовите „семејство“ и „мајчинство“.
Затоа наша обврска е да гледаме што стои зад зборовите! Економската независност без телесна автономија не е целосна еманципација. Мајчинството без избор не е слобода. А правата на жените не се за преговарање.