Унгарија влегува во пет критични дена поради екстремната суша и рекордно нискиот водостој на Дунав, поради што единствената нуклеарна централа во земјата – „Пакш“ – првпат по повеќе од четири децении ќе престане да произведува електрична енергија. Премиерот Петер Маѓар предупреди дека електроенергетскиот систем ќе биде под огромен притисок, бидејќи земјата ја очекуваат температури до 40 степени.
Централата „Пакш“, со капацитет од два гигавати и четири реактори од руско производство, денес работеше со само 10 проценти од капацитетот. Причината е недостигот од вода во Дунав, која се користи за ладење на реакторите. Според унгарската Управа за води, нивото на реката ќе продолжи да опаѓа и во наредните денови, што дополнително ја влошува состојбата.
„Утре нуклеарната централа ‘Пакш’ нема да произведува струја, а пред нас се најтоплите денови со температури до 40 степени. Електроенергетската мрежа, јавните служби и сите граѓани ќе бидат под огромен притисок“, изјави Маѓар во видеообраќање. Тој предупреди дека централата би можела да остане надвор од функција и неколку недели.
Нискиот водостој на Дунав веќе предизвикува проблеми и во речниот сообраќај и туризмот, а според владините податоци, повеќе од 100 градови и општини, вклучувајќи ја и околината на Будимпешта, воведоа ограничувања за потрошувачката на вода.
Владата повторно апелираше до компаниите, јавните институции и домаќинствата значително да ја намалат потрошувачката на електрична енергија во периодот од 17 до 22 часот, кога оптоварувањето на системот е најголемо. Од понеделник би можеле да стапат во сила и задолжителни ограничувања за потрошувачката на струја за големите компании.
Според потпретседателот на партијата Тиса, Марк Раднаи, енергетската криза би можела да ја чини Унгарија меѓу 100 и 200 милијарди форинти (315 до 630 милиони американски долари), главно поради очекуваниот раст на цената на увозната електрична енергија.