Новата унгарска влада, предводена од премиерот Петер Маѓар, најави план земјата до 2030 година да ги исполни условите за воведување на еврото, како дел од поширок обид Будимпешта повторно да се приближи кон Европската Унија по долгиот период на тензии со Брисел за време на владеењето на Виктор Орбан.
Новиот министер за финансии Андраш Карман најави промена на економскиот курс, со појасна фискална политика, намалување на буџетскиот дефицит и обид за враќање на довербата кај европските институции и инвеститорите. Унгарија се соочува со слаб економски раст, висока инфлација, зголемен јавен долг и дефицит што, според проценките, може да достигне 6,8 проценти од БДП оваа година.
Еден од клучните предизвици за новата власт ќе биде исполнувањето на мастришките критериуми, кои се неопходни за влез во еврозоната. Тие подразбираат стабилна инфлација, контролиран буџетски дефицит, одржлив јавен долг и стабилен курс на националната валута. Во моментов, Будимпешта е далеку од тие стандарди, но владата смета дека јасната евро-перспектива може да ја стабилизира форинтата, да ги намали каматите и да ја зголеми довербата во економијата.
Покрај економските мерки, Маѓар ќе мора да ги поправи и односите со Брисел. Европската Унија сè уште држи замрзнати милијарди евра за Унгарија поради проблемите со владеењето на правото од времето на Орбан, а новата влада најавува реформи со кои треба да се одмрзнат средствата и да се врати довербата во европскиот пат на земјата.
Унгарија уште со влезот во ЕУ во 2004 година ја презеде обврската еден ден да го воведе еврото, но досега не постави стабилен рок за тоа. Новата влада сега сака воведувањето на заедничката валута да го претвори во симбол на прекин со досегашната политика и враќање на земјата во европскиот економски и политички тек.