Францускиот институт во Скопје на 12 мај ќе биде домаќин на новото и проширено издание на „Изложба и уметничка средба“, овојпат под наслов „Вкрстени погледи: културно наследство и современа уметност“, посветено на дијалогот меѓу францускиот сликар Клеман Бедел и македонските уметници Христина Иваноска и Јане Чаловски.
Настанот ќе се одржи во вторник, 12 мај 2026 година, со почеток во 19 часот, во Францускиот институт во Скопје, а ќе го отвори амбасадорот на Франција, Кристоф Ле Риголер.
Вечерта е замислена како уметнички разговор за културното наследство, монументалните форми и нивното место во современата уметност. Во фокусот ќе бидат делата на Клеман Бедел, кои поаѓаат од архитектонски и монументални форми поврзани со постјугословенскиот простор, како и колаборативниот проект „Македониум: драматургија на незавршеното“ на Христина Иваноска и Јане Чаловски.
Проектот „Македониум: драматургија на незавршеното“ од 2023 година е сеопфатен колаборативен проект составен од книга, филм, скулптура и серија од 12 графики. Реализиран е во соработка со режисерката Теона Стругар Митевска и графичката дизајнерка Неда Фирфова, а се темели на долгогодишно истражување во архивите на Јордан и Искра Грабулоски, автори на Споменикот „Илинден“, познат и како „Македониум“, во Крушево.
Преку овој проект, Иваноска и Чаловски ја испитуваат конструкцијата на монументалните наративи и нивните современи судбини, одбивајќи да ги сведат спомениците само на естетски форми. Наместо тоа, тие ги отвораат како места на меморија, политичка симболика, незавршени процеси и современи читања.
Сликите на Клеман Бедел, пак, ја истражуваат чувствената тежина на ваквите архитектури, нивното присуство, двосмисленост и она што тие го чуваат во себе во денешниот контекст. Неговите дела влегуваат во дијалог со прашањата што ги поставуваат Иваноска и Чаловски: како се чита наследството денес, што останува од монументалните визии и како современата уметност може повторно да ги активира.
Кураторка на настанот е Мелоди Робин. Настанот ќе се одржи со консекутивен превод.