„Уметничко (по)стоење“ е насловот на изложбата од ликовната уметничка Јулијана Гешоска што вечерва во 20 часот ќе бие отворена во Младинскиот културен центар во Скопје. Во најавата за изложбата проф. д-р Владимир Мартиновски вели дека кога стоиме меѓу делата од најновата импресивна серија слики на Гешоска, обединети околу клучниот збор „Постојам“, спонтано ни се наметнува мислата дека за оваа уметница несомнено важи геслото „Сликам значи сум!“.
– Ова мото веројатно би можело да си го преведеме барем на три начини: „Постојам за да сликам“, „Кога сликам вистински постојам“, или, „Во и преку насликаното токму сега (но и секогаш ќе) постојам“. Всушност, кога стоиме пред гигантските платна, диптиси, триптиси, полиптиси на Јулијана Гешоска, но и пред сликите во помали димензии, низ нас прострујуваат идеи дека сликањето за неа е и мислење и чувствување и на светот наоколу, но и светот во себе. Во нејзините слики може да се почувствува сè освен рамнодушност: тие и вознемируваат и смируваат,и (нè) разигруваат и растреперуваат, воодушевуваат и вознесуваат, пред сè благодарение на бројните колористички и композициски свежи и смели решенија и изведби – вели Мартиновски.
Гешоска е уметник со долга и плодна кариера и надвор од границите на Македонија. Реализирала повеќе од 30 групни изложби во Франција, Србија, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Турција, Бугарија … Родена во Скопје, во 1961 година. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек сликарство, 1990, додека постдипломски студии завршила на Факултетот за ликовни уметности во Приштина, отсек графички дизајн, со магистратура од мултимедијален арт, во 2008 година.