Малдивите воведуваат трајна и безусловна забрана за влез за Израелци

Нов предлог-закон поднесен во парламентот ги укинува сите услови за отворање на границите и става рампа за носителите на израелски патни исправи.
Фото: Ibrahim Asad, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Претседателот на Малдивите, Мохамед Муизу, потврди дека островската држава воведува трајна и безусловна забрана за влез на сите лица со израелски пасош. Според официјалното соопштение од неговиот кабинет, новиот закон за имиграција доставен до парламентот предвидува апсолутна забрана за влез која нема да зависи од промена на околностите. Со ова се менува претходното законско решение од април 2025 година, според кое ограничувањата беа директно врзани со траењето на воените дејствија во Газа.

Обраќајќи се на прес-конференција во Претседателската палата, Муизу соопшти дека предложените законски измени ставаат трајна рампа за носителите на израелски пасоши, без оглед на идниот развој на настаните. Досегашната законска рамка предвидуваше блокадата да остане во сила сè додека Израел ги продолжува воените дејствија врз палестинското население што започнаа во октомври 2023 година.

Новиот предлог-закон ја прави забраната апсолутна. Според деталите од законскиот текст доставен до пратениците, мерката опфаќа секое лице што поседува израелски пасош, со одредби кои спречуваат влез дури и со користење втор пасош од друга држава. Предлог-законот исто така предвидува забрана за влез на лица за кои има издадено налози за апсење од Меѓународниот кривичен суд (МКС), лица на потерници на Интерпол и поединци обвинети за криминал според меѓународното право.

Малдивите, каде што исламот е официјална државна религија, првично воведоа забрана за носителите на израелски патни исправи во април 2025 година, откако парламентот ги изгласа првите измени на Законот за имиграција. Новиот владин чекор дополнително ја заострува таа одлука.


Муизу ги оквалификува израелските акции против Палестинците како геноцид и изјави дека е неприфатливо на Малдивите да им се дозволи влез на лица со израелски пасош. Тој наведе дека одлуката претставува доследна поддршка за палестинската кауза, позиција што неговата влада активно ја застапува на меѓународните трибини и преку меѓународните правни механизми. Израелските власти уште кон крајот на 2023 година им препорачаа на своите граѓани да не патуваат на овој архипелаг во Индискиот Океан поради безбедносни ризици.

е-Трн да боцка во твојот инбокс