Ник Кејв предупредува дека вештачката интелигенција го понижува човечкото творештво

Музичарот смета дека платформите за генерирање песни го отстрануваат авторот од процесот и го сведуваат творештвото на обичен производ.
Фото: Kim Erlandsen, NRK P3

Австралискиот музичар Ник Кејв изрази силен скептицизам кон улогата на вештачката интелигенција во уметноста, посочувајќи дека платформите за автоматско создавање музика претставуваат обид за исклучување на човекот од креативниот чин. Во најновото издание на својот bilten „The Red Hand Files“, Кејв напиша дека софтверот за генерирање песни ја поништува смислата на човечкиот труд, претворајќи го авторот во излишен елемент во креативната равенка.

Одговарајќи на прашање од публика од Бристол за тоа дали е песимист или оптимист во врска со новите технологии, Кејв се фокусираше на влијанието на алгоритмите врз музичката продукција. Тој оцени дека автоматизацијата директно удира врз вредноста на човечкиот напор.

„Платформите за генерирање песни укажуваат на потенцијалот на оваа технологија да го испразни човечкиот труд од смисла и да ја прекине нашата врска со божественото. Тие му се потсмеваат на самото творештво, правејќи го човештвото непотребно, земајќи ги плодовите на човечкиот залог и сведувајќи ги на обични производи. Тоа е можеби нашето последно и најразорно понижување за човечката душа“, напиша Кејв во biltenот.

За разлика од претходните години кога се сомневаше дали уметничкото дело воопшто може да се раздвои од својот творец, музичарот констатира дека новите алатки ја наметнуваат токму таа промена. Според него, алгоритмите овозможуваат уметникот како несовршено, ранливо и хаотично битие целосно да се отстрани од создавањето.

Ставовите на Кејв доаѓаат по информациите дека неговиот авторски опус, заедно со песните на пејачката Кајли Миног, се користени за тренирање комерцијални системи на вештачка интелигенција без претходно барање дозвола или исплата на авторски надомест. Овој случај е дел од низата правни и етички спорови во светската музичка индустрија, каде што технолошките компании користат каталози на снимена музика за развој на софтвер за генерирање звук.


Кејв наведе дека тенденцијата за замена на авторите со алгоритамски алатки ги фаворизира оние што сакаат да ја исчистат сцената од сложени и непредвидливи уметници, со што целиот креативен простор останува препуштен на софтверски производи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс