Улица што дише уметност: „Центарски улици“ го претворија Скопје во жива сцена

Улица Македонија се претвори во отворена галерија со живи статуи, музика и настап на Дина Јашари. Уметноста излезе на улиците на Скопје

Скопје вчера не беше само град туку повеќе личеше на сцена. На улица Македонија Скопје, меѓу чекорите на минувачите и љубопитните погледи, уметноста излезе од затворените простори и се пресели таму каде што најмногу припаѓа, на улиците.

„Центарски улици 4 – Светски ден на уметноста“ не беше само настан. Беше едно посебно чувство.

Кога статуите оживуваат

Меѓу минувачите вчера беа живите статуи од продукцијата Театроск. Луѓе претворени во скулптури, со лица и тела обоени како камен, стоеја неподвижно сè додека не трепнеше некое око или не се помрднеше рака.

Еден од нив, уметник со чекан во рака, наведнат над минијатурна фигура, изгледаше како да е дел од некоја стара работилница. Но токму во таа „замрзнатост“ се криеше животот. Тоа е еден вид уметност што не бара тишина туку присуство.

Меѓу звуците на градот, посебна атмосфера создаде настапот на Дина Јашари. Нејзиниот глас се разлеваше низ улицата, нежно, но доволно силно да ги запре луѓето. Некои застанаа само на миг, други останаа до крајот. Но сите ја почувствуваа истата енергија, дека уметноста, кога е искрена, секогаш наоѓа пат до публиката.

Настанот, организиран од Здружение на граѓани Театроск со поддршка од Општина Центар, веќе четврта година по ред создава простор каде што културата и секојдневието се среќаваат. Улицата повеќе не е само место за поминување, туку за доживување, а „Центарски улици“ не е настан што само се посетува, туку се памети.

И можеби токму затоа вчера Скопје не беше само град низ кој се поминува, туку град во кој се застанува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни