Украински дронови удрија длабоко во Русија: Голема експлозија во складиште на „Лукоил“, одекнаа детонации и кај Москва

Украина изврши ноќен напад со дронови врз нафтено складиште на „Лукоил“ во Ставрополскиот регион. Експлозии се пријавени и во Московската област, каде била активирана противвоздушната одбрана.

Украина во текот на ноќта изврши нов напад со беспилотни летала врз цели длабоко на руска територија, при што било погодено нафтено складиште на компанијата „Лукоил“ во Ставрополскиот регион, јавуваат украински и руски извори. По нападот избувнал голем пожар во складиштето на „Лукоил-Југнефтепродукт“, додека на социјалните мрежи беа објавени снимки од силната експлозија и пламените јазици.

Погоден објект на стотици километри од Украина

Според украинскиот весник The Kyiv Independent, повикувајќи се на каналот Exilenova Plus на Телеграм, нападот се случил во близина на градот Михајловск, во предградието на Ставропол. Локацијата се наоѓа на околу 365 километри од најблиската точка до Украина, во близина на окупираниот Мариупол, односно околу 620 километри од територијата под контрола на Украина во Запорошката област.

Независниот руски медиум Astra, повикувајќи се на локални жители, објави дека напади биле регистрирани и во селото Вјазники, во близина на погодениот објект.

Детонации и во Московската област

Подоцна во текот на ноќта експлозии биле пријавени и во Солнечногорск, во Московската област. Според истите извори, таму била активирана руската противвоздушна одбрана, која се обидувала да пресретне украински беспилотни летала.

Руските власти засега не соопштија официјални информации за евентуални штети или жртви. Само неколку дена претходно избувна голем пожар во друго нафтено складиште во Ставрополскиот регион.

Украинската Служба за безбедност (СБУ) тогаш соопшти дека нејзини дронови погодиле и постројка „Краснаја Ѕвезда“ во Тверската област, каде исто така избувнал пожар. Киев во последните месеци сè почесто изведува напади врз руска воена и енергетска инфраструктура, со цел да ги намали логистичките и воените капацитети на Москва.

На удар и руската „флота во сенка“

Командантот на украинските сили за беспилотни системи, Роберт „Маѓар“ Бровди, претходно изјави дека украински дронови погодиле 21 руски танкер и уште седум други пловни објекти во Азовското Море. Ден подоцна тој соопшти дека биле уништени уште 14 руски бродови, нагласувајќи дека Украина продолжува со операциите против таканаречената „руска флота во сенка“, која Москва ја користи за извоз на нафта и финансирање на воените операции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс