Украински дронови повторно ја погодија Москва: Гореше рафинерија, затворени аеродроми и густ чад над градот

Москва утрово беше цел на масовен напад со украински дронови. Запалена е нафтена рафинерија, привремено се затворени неколку аеродроми, а во Ростовската област има загинато лице и повредени.

Руската престолнина Москва утрово се разбуди под нов масовен напад со украински беспилотни летала. Експлозии одекнувале низ градот, додека густ црн чад се издигал над неколку делови од метрополата. Според информациите на локалните власти и руски канали на Телеграм, цел на нападот повторно била московската нафтена рафинерија, која е погодена по вторпат во последните три дена. Нападот предизвикал голем пожар во индустрискиот комплекс.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, соопшти дека руската противвоздушна одбрана пресретнала и уништила 33 украински дронови кои летале кон градот. Тој наведе дека е регистрирана помала материјална штета на објект во рамките на трговскиот центар „Садовод“ во југоисточниот дел на Москва и дека нема жртви или повредени.

Поради опасност од нови напади, привремено бил ограничен воздушниот сообраќај на московските аеродроми Внуково, Шереметјево и Жуковски, каде дел од летовите биле откажани или пренасочени.

Пожари и експлозии на повеќе локации

На социјалните мрежи беа објавени бројни фотографии и видеоснимки на кои се гледаат пожари и експлозии во различни делови на градот. Според објавите, пламен зафатил и повисоки катови од една станбена зграда, како и објекти во близина на рафинеријата.

Нападот следува само два дена по претходниот украински удар врз истата рафинерија, кој според извори од руската индустрија привремено ја парализирал работата на постројката.

Напад и во Ростовската област

Паралелно со нападите врз Москва, украински дронови погодиле цели и во Ростовска област, во близина на градот Гуково. Гувернерот на регионот, Јуриј Сљусар, потврди дека едно лице загинало, а две се повредени и се префрлени во болница.

Според локални извори, погодено било и складиште за нафта, по што избувнал голем пожар. Руските власти официјално потврдија штета на локомотива и на два комерцијални објекти, без да ги прецизираат точните цели на нападот. Гуково се наоѓа во непосредна близина на границата со Украина и има важна логистичка улога за руските воени операции, поради што е честа мета на украинските напади.

Украинските удари сè подлабоко во Русија

Во последните месеци Украина значително ја засили кампањата на напади со дронови врз воени, енергетски и индустриски цели длабоко на руска територија.

Како одговор, Русија распореди дополнителни системи за противвоздушна одбрана Pantsir-SMD-E на покривите на цивилни објекти во Москва. Сепак, и покрај засилените мерки, украинските дронови успеаја двапати во рок од една недела да погодат цели во руската престолнина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс