Украински дронови нападнаа руски рафинерии, избувнаа пожари во два региони

Во меѓувреме, Русија во текот на ноќта повторно го нападна Киев со балистички ракети. Според украинските власти, оштетени се повеќе локации низ градот, а најмалку две лица се повредени

Украински беспилотни летала во текот на ноќта извршија напади врз нафтена инфраструктура во повеќе руски региони, при што избувнаа пожари во рафинерии во Славјанск на Кубан и Јарослављ. Нападите доаѓаат во период кога Русија се соочува со сè поголеми проблеми во снабдувањето со гориво. Според руски медиуми и објави на социјалните мрежи, цел на нападот била рафинеријата во Славјанск на Кубан, во Краснодарски крај, каде биле забележани големи пламени јазици и густ чад над складиштата за гориво.

Регионалниот кризен штаб соопшти дека пожарот избувнал по пад на остатоци од соборени дронови, но засега нема официјални информации за обемот на штетата. Во исто време, чад бил забележан и над рафинеријата во Јарослављ, околу 250 километри североисточно од Москва. Гувернерот на Јарославската област, Михаил Евраев, потврди дека регионот бил нападнат со украински беспилотни летала.

Украинските власти засега не ги коментираа нападите, а информациите не можат независно да бидат потврдени.

Русија се соочува со недостиг на гориво

Нападите следуваат во време кога Русија се соочува со растечки недостиг на гориво, дополнително влошен од честите украински напади врз нафтената инфраструктура. Според извештаите, повеќе од 20 руски региони вовеле ограничувања за продажба на гориво, додека граѓани пријавуваат долги редици на бензинските пумпи.

Во последните десетина дена беа погодени и две рафинерии во Република Башкортостан, а претходно беше прекината работата на Московската рафинерија за нафта, која обезбедува околу 40 проценти од горивото за Москва. Неколку дена подоцна беше запрена и работата на рафинеријата Лукоил-Нижегородоргсинтез во Кстово.

Нов руски ракетен напад врз Киев

Во меѓувреме, Русија во текот на ноќта повторно го нападна Киев со балистички ракети. Според украинските власти, оштетени се повеќе локации низ градот, а најмалку две лица се повредени. Пожари избувнале во населбата Дарницки, во близина на станбена зграда, бензинска пумпа и неколку деловни објекти. Украинската противвоздушна одбрана била активирана за време на нападот, а експлозии биле пријавени и во Суми и Харков. Информациите за конечните последици од нападот сè уште не се официјално потврдени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс