Украински беспилотни летала во текот на ноќта извршија напади врз руските региони Белгород и Ростов, при што загинаа две лица, а најмалку 17 се повредени, соопштија локалните власти. Оперативниот штаб на Белгородската област објави дека во нападот врз градот Белгород се повредени 12 лица. Запалена е една станбена зграда и 15 паркирани автомобили, делумно е уништена една куќа, а оштетени се и повеќе станбени објекти.
Белгородската област се наоѓа на границата со Украина, а градот Белгород е оддалечен околу 27 километри од украинската граница. Подоцна во текот на ноќта експлозии одекнале и во Ростов на Дон, на југот на Русија. Градоначалникот Александар Скриабин потврди дека градот бил цел на украински напад, при што е оштетена станбена зграда.
Гувернерот на Ростовската област, Јуриј Сљусар, соопшти дека во нападот загинал брачен пар, додека уште пет лица се повредени. Две од нив се во тешка состојба, меѓу кои и еден тинејџер. Според локалните власти, во нападот избувнале пожари во складишта и неколку куќи, а искршени се прозорци на повеќе станбени згради и на објект со социјална намена.
Експлозии се пријавени и во крајбрежниот град Таганрог на брегот на Азовското Море. Нападите не можат независно да бидат потврдени, а украинските власти засега не се огласија за случувањата.