Украина прв пат користеше ласер за да собори руски млазен дрон

Приватен систем за противвоздушна одбрана го погоди леталото над критична инфраструктура, додека Москва пријави стотици беспилотни летала

Украина прв пат употреби ласерско оружје за соборување на руски млазен дрон, соопшти државниот одбранбен кластер Брејв1 (Brave1). Системот Блиск (Blysk), развиен од приватната компанија Кармајн скај (Carmine Sky), пресретна руски дрон Геран додека штитеше објект од критичната инфраструктура, во период кога двете страни ги засилуваат воздушните напади во петтата година од војната.

Советникот на украинскиот претседател, Серхиј Бескрестнов, претходно оваа недела објави видеоснимка на која се гледа како воздушна цел паѓа во огнена топка. Според неговите наводи, ласерскиот систем Блиск, изработен од Кармајн скај, ја обезбедувал критичната инфраструктура во моментот кога го соборил рускиот млазен дрон Геран.

Досега украинските тимови за противвоздушна одбрана ги соборуваа руските беспилотни летала првенствено со митралези и рачни противвоздушни ракети. Од кластерот Брејв1, кој работи со државна поддршка, појаснија дека со ласерот управувал приватен тим за противвоздушна одбрана.

„Првото успешно пресретнување не значи дека технологијата е подготвена за масовно распоредување“, предупредија од Брејв1 во својата објава во петокот.

Објавата од Киев следуваше непосредно пред новите извештаи за масовни воздушни напади од двете страни. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, во саботата наутро изјави дека руската противвоздушна одбрана соборила стотици украински дронови кои се движеле кон московскиот регион.

Според податоците што ги изнесе Собјанин, повеќе од 460 беспилотни летала биле насочени кон регионот меѓу доцна во петокот и рано во саботата. Нападите се одвиваат паралелно со напорите на Соединетите Американски Држави за започнување преговори за прекин на борбите.

Руските напади продолжија во текот на ноќта кон саботата и врз украинска територија. Началникот на воената администрација на Дњепропетровската област, Олександр Ханжа, на Телеграм соопшти дека биле изведени повеќе од 20 напади со дронови врз четири окрузи во областа.


Во тие удари е оштетена транспортната инфраструктура во градот Дњепар, а пет лица се повредени низ регионот, меѓу кои и 15-годишно момче. Претходно оваа недела, руските сили погодија станбени згради и образовна институција во Харков, на североистокот на земјата, при што загинаа најмалку три лица во поширок напад со балистички ракети и дронови што предизвика жртви и во Киев и други области.

е-Трн да боцка во твојот инбокс