Американската војска пукаше во брод што ја прекрши блокадата на иранските пристаништа

Американски авион со прецизна муниција го онеспособи погонот на бродот „Пацифик Арчер“ во Оманскиот Залив, при што цивилниот екипаж помина без повреди.

Американската војска отвори оган врз брод под знаме на Палау кој в четврток се обидел да ја пробие поморската блокада на иранските пристаништа. Според соопштението објавено в петок од Централната команда на американските сили, летало го погодило бродот „Пацифик Арчер“ (Pacific Archer) во крмата со прецизна муниција. Погонот на пловилото бил целосно онеспособен веднаш по излегувањето од иранското пристаниште Бандар Абас, додека цивилниот екипаж останал неповреден.

Пловилото „Пацифик Арчер“ тргнало од пристаништето Бандар Абас во Ормускиот Теснец и било пресретнато кратко потоа во водите на Оманскиот Залив. Американската војска го потврди инцидентот со официјално соопштение.

„Погонот на бродот на крајот беше онеспособен, а цивилниот екипаж не е повреден“, наведе американската војска.

Од Централната команда соопштија дека продолжуваат строго да ја спроведуваат поморската блокада. Оваа операција досега им овозможила на американските сили да онеспособат шест бродови и да пренасочат 158 други пловила кои се обиделе да поминат низ зоната на забрана.

Американската блокада на иранските пристаништа е во сила од средината на јули годинава, откако пропадна краткотрајниот договор со Техеран. Кризата во регионот започна во февруари со американските и израелските напади врз Иран, а дипломатските напори за нејзино решавање сè уште се во застој.

Од друга страна, Иран одржува сопствена блокада за бродовите што транзитираат низ Ормускиот Теснец. Во последните недели иранските сили пријавија повеќе случаи на бродови што се запалиле додека се обидувале да користат рути кои Техеран ги смета за забранети.


Во понеделникот портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, вети дека земјата ќе ги употреби сите средства со кои располага за да се спротивстави на американската блокада. Официјален Техеран порача дека Ормускиот Теснец би можел повторно да се отвори во рок од два дена доколку САД ги прифатат иранските барања, меѓу кои е и укинувањето на блокадата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс