Со ноќен воз низ три европски држави до божиќните саеми во Минхен

Специјалниот празничен воз „Еспресо Монако“ сообраќа во два викенда меѓу Италија, Австрија и Германија со станици во Јужен Тирол и Тирол.

Специјалниот ноќен воз „Еспресо Монако“ (Espresso Monaco) на италијанската железничка компанија „ФС Трени Туристичи Италијани“ (FS Treni Turistici Italiani) повторно ги поврзува Рим и Минхен за време на празничната сезона. Празничната линија поминува низ Италија, Австрија и Германија во два викенда на крајот од ноември и почетокот на декември, овозможувајќи им на патниците викенд-посета на баварските и алпските божиќни саеми со само едно платено хотелско ноќевање.

Италијанскиот национален туристички железнички оператор ја воведе оваа сезонска ноќна линија минатата година за време на Октоберфест, а потоа и за време на адвентот. За разлика од минатата сезона, возот годинава почнува да сообраќа уште во ноември.

Тргнувањата од Рим кон Минхен се организирани во петок, додека враќањето е предвидено за недела. Првиот викенд-термин е закажан за 27 и 29 ноември, а вториот за 4 и 6 декември, што се совпаѓа со одбележувањето на празникот Свети Никола според грегоријанскиот календар. Покрај крајните дестинации, композицијата застанува и во Болцано, Тренто, Куфштајн и Инсбрук.

Концептот на линијата е прилагоден на викенд-патувања за посетителите од Италија кои сакаат да ги обиколат божиќните пазари во Минхен. Бидејќи патувањето во двата правца се одвива преку ноќ, патниците имаат потреба од само едно ноќевање на дестинацијата.

Линијата функционира и во обратна насока. Патниците од Минхен можат да го искористат неделното поаѓање кон Италија за краток зимски одмор на Доломитите или за предпразнично пазарување во Рим.

За време на ноќното возење, внатрешноста на возот е празнично декорирана и озвучена со божиќна музика. Во состав на композицијата работат вагон-ресторан и бар каде што се служат сезонски празнични специјалитети и пијалаци.


Во претходните празнични сезони, цената на билетите во еден правец се движеше од 99 евра за стандардни седишта во патничките вагони. За одредени категории кушет-лежаи цената изнесуваше 129 евра за возрасни и 90 евра за деца на возраст од четири до 14 години, додека билетите за спијачки кабини од повисока класа, во чија цена е вклучен и појадок, достигнуваа до 299 евра.

е-Трн да боцка во твојот инбокс