Украина им забранува на медиумите да известуваат за штетите врз инфраструктурата

Указот на претседателот Володимир Зеленски опфаќа и забрана за објавување информации за динамиката на поправките и заштитата на објектите пред грејната сезона 2026/2027.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша указ со кој им се забранува на медиумите да известуваат за штетите врз критичната инфраструктура, како и за роковите и динамиката на нејзините поправки. Со овој документ се спроведува одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана (NSDC) од 23 октомври, донесена во рамки на подготовките за претстојната грејна сезона 2026/2027.

Со одлуката на украинската влада ѝ се наложува итно да преземе мерки за забрана на медиумското известување за штетите на критичната инфраструктура и за распоредот на поправките, пренесува „Украинска правда“. Забраната директно се однесува и на објавувањето информации за напредокот во изградбата на заштитни објекти на клучните енергетски постројки. Ограничувањето ги опфаќа и објектите за обезбедување основни јавни услуги, вклучувајќи ги проектите од Сеопфатните планови за отпорност на регионите и на поединечните градови.

Паралелно со медиумските ограничувања, Министерството за одбрана и Генералштабот на украинската армија се задолжени да изработат и да одобрат посебен план за заштита на одделните енергетски објекти од воздушни напади. Овој план мора да содржи и именување конкретни функционери кои ќе бидат директно одговорни за обезбедување постојана противвоздушна одбрана на приоритетните енергетски постројки.


Советникот за комуникации на претседателот, Дмитро Литвин, им појасни на новинарите дека владата, Службата за безбедност на Украина и другите надлежни агенции допрва ќе одлучуваат за конкретниот начин на кој ќе се спроведува оваа забрана. Тој посочи дека примената на мерката ќе биде сложена бидејќи голем дел од информациите за нападите и штетите се објавуваат на анонимни канали на платформата Телеграм.

е-Трн да боцка во твојот инбокс