Скопје ја пречекува Новата 2027 без огномет и со македонски изведувачи на плоштад

Градот ќе биде украсен од 10 до 15 декември, а сите скопски општини се здружуваат за една заедничка централна прослава.

Скопје ќе ја пречека Новата 2027 година со централна прослава на градскиот плоштад, исклучиво со македонски музички изведувачи и без новогодишен огномет. Празничното украсување на главниот град ќе се реализира од 10 до 15 декември, а наместо поединечни општински забави, сите скопски општини годинава ќе организираат еден заеднички настан.

Одлуката на новогодишната ноќ да нема огномет доаѓа по поделените мислења во јавноста за употребата на пиротехника за време на празниците. Програмата на градскиот плоштад ќе биде составена исклучиво од домашни музички имиња, како продолжение на практиката од минатогодишниот пречек.

Конкретните имиња на изведувачите сè уште се утврдуваат. Градските служби паралелно ги финализираат деталите за празничните содржини што ќе се одржуваат на плоштадот во деновите пред Нова година, вклучително и новогодишниот базар.

Поставувањето на новогодишните декорации низ Скопје е планирано да се заврши во периодот меѓу 10 и 15 декември. Изведувачот за украсувањето е избран преку постапка на јавна набавка, а документацијата за тендерот е јавно достапна на електронскиот систем за јавни набавки.


Со ваквиот распоред се избегнува практиката од изминатите години, кога празничното осветлување и декорациите се поставуваа непосредно пред новогодишната ноќ, на 30 или 31 декември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс