Се провери ли, друже?

Утакмица, мезе и екипата на број. Меѓу сите теми што ги отвораме со другарите, има место и за прегледот што упорно го оставаме за „деновиве“.

Договорот почнува во групата. Кај кого гледаме? Кој доаѓа? Што ќе јадеме? Следуваат четири различни предлози за храна, две неодговорени пораки и еден другар што ќе стигне „за пет минути“, иако уште не излегол од дома.

Мезето го нарачуваме преку Wolt. Се поместува масичката, се додава уште една столица, некој го бара далечинското. Доаѓа доставувачот со мезето и додека почне утакмицата, веќе сме ги поминале работата, цените и одлуката на тренерот што на сите им е јасна освен на тренерот.

Така одат тие дружби. Почнуваш со составот на тимот, завршуваш со нешто што ти се случило во вторникот и уште ти стои во глава. Некој се пожалил, друг раскажал нешто смешно, трет конечно кажал зошто го немало последниве недели.

Некаде во тој муабет сосема природно може да влезе и едно прашање.

„Се провери ли, друже?“

Терминот што никако да дојде на ред

Кога станува збор за посета на уролог, изговорите умеат да бидат прилично креативни. Неделава е гужва. Следната има патување. Потоа доаѓаат празниците. „Ќе закажам деновиве“ полека станува реченица што ја повторуваме со месеци, со убедливост на човек што навистина верува дека овој пат ќе го направи тоа.

Во меѓувреме, пред да се јавиме во ординација, во главата веќе сме го режирале целиот преглед. Сценариото е составено од нешто прочитано на интернет, нешто слушнато пред десет години и искуството на другар на еден другар. Се разбира, во таа верзија сè звучи понепријатно.

Тука има простор за малку смеа. И за разбирање. На некого навистина му е непријатно, некој се плаши што би можел да слушне, а некој едноставно не знае што да очекува. Сосема е во ред тие прашања да му ги постави на лекарот, уште кога го договара прегледот.

„А на уролог, беше?“

Меѓу другари си поставуваме многу директни прашања. За врската, за работата, за кредитот. Знаеме и да претераме со љубопитноста. Прашањето за здравјето заслужува барем дел од тоа внимание, со доволно чувство да му оставиме на човекот простор колку сака да сподели.

„А на уролог, беше?“ може да се каже најобично, додека се додава чинијата. Може да следува „Бев“, „Имам закажано“ или познатото „Треба да одам“. Доволно е да го слушнеме одговорот. Другарот што веќе бил може да раскаже како изгледало неговото искуство, без да поставува дијагнози на целата маса.

Кога и какви проверки се потребни се договара со лекар, според возраста, семејната историја и индивидуалниот ризик. И Movember ја нагласува важноста на тој разговор со лекарот.

Ако веќе одложуваш препорачан преглед, можеби токму ваков обичен разговор ќе те потсети следниот ден да се јавиш и да го закажеш.

Има време до второто полувреме

Ноемвриската дружба може да си го задржи целиот свој ред. Мезето преку Wolt, расправијата за пеналот, другарот што секогаш има подобра тактика. Во таква позната атмосфера има место и да кажеме што нè загрижува, да прашаме нешто што ни е незгодно или да се потсетиме на обврска кон сопственото здравје.

Следната утакмица пак ќе ја договориме во групата. Ќе се преброиме, ќе нарачаме и ќе се собереме.


А дотогаш, друже, се провери ли?

е-Трн да боцка во твојот инбокс