Активистки за правата на жените во Полска пуштија во употреба уред за издавање таблети за прекин на бременоста, наречен „Абортомат“, во комплекс во Варшава сместен спроти полскиот парламент. Автоматот функционира со 22 прегради до кои пристапот се добива преку ПИН код, откако жената ќе пополни медицински прашалник што го проверува лекар. Овој чекор доаѓа во земја со еден од најрестриктивните закони за абортус во Европската унија.
Уредот го претстави Јустина Виџињска, активистка од непрофитната организација „Abortion Dream Team“, во рамките на комплексот „Аботак“ – првиот центар за абортус во Варшава. Просторијата е осветлена со пригушено розово светло, со украсни реси, топчиња и рефлектори.
За да отвори една од 22-те розови прегради и да ги добие лековите од организацијата „Women Help Women“ (Жените им помагаат на жените), заинтересираната жена претходно пополнува медицински прашалник. По проверката од страна на лекар, таа добива ПИН код за преземање на пакетот.
Пакет-автоматите станаа секојдневие низ цела Полска, па ги има дури и во најмалите села. „Кога патувате низ Полска, автоматите се насекаде и се дел од нашата култура“, изјави Виџињска за Дојче веле, споредувајќи ја нивната застапеност со популарноста на Амазон во САД.
Во секоја преграда од „Абортоматот“ има пакување што вообичаено содржи два лека – мифепристон и мизопростол, кои најчесто се користат за прекин на бременоста до 14-тата недела. Бидејќи мифепристонот не е регистриран во Полска, непрофитните организации го набавуваат и го испраќаат од странство, од земји каде што неговата употреба е дозволена.
Полското законодавство не предвидува кривично гонење за жените кои ќе извршат абортус, но лицата кои им помагаат можат да бидат осудени на затворска казна до три години. Самата Виџињска во 2023 година беше првата осудена активистка во земјата затоа што на една жена и испратила таблети, иако таа пресуда подоцна беше укината и судот наложи повторно судење.
Адвокатката специјализирана за репродуктивни права, д-р Сабрина Мана-Валасек, која ја застапува Виџињска, појаснува дека мифепристонот е регистриран на ниво на Европската унија и полските државјанки како граѓанки на ЕУ смеат да го нарачуваат и користат за лична употреба.
Од друга страна, ултракатоличката правна организација „Ordo Iuris“ поднесе пријава до обвинителството со тврдење дека се работи за кривично дело. Директорката на нивниот Центар за медицинско право и биоетика, Катаржина Геншак, наведе дека зад уредот стојат луѓе кои ги набавуваат лековите, ги полнат преградите и ги испраќаат кодовите. Пред центарот „Аботак“ редовно се одржуваат и протести на противници на абортусот со труби и мегафони, со притисок врз сопственикот на просторот да го раскине договорот за закуп.
Наталија Броњарчик од организацијата „Abortion Dream Team“ соопшти дека секојдневно организираат помош за 130 жени во Полска. Околу 125 од нив земаат таблети кои чинат приближно 75 евра (83 долари), додека останатите патуваат во клиники во странство. За споредба, во текот на минатата година во полските болници биле извршени вкупно 851 абортус.
Полска и Малта се единствените две земји-членки на Европската унија кои не дозволуваат прекин на бременоста на барање на жената. Во Полска абортусот е законски дозволен само доколку бременоста е последица на силување или инцест, или ако ги загрозува животот и здравјето на жената.
Поставувањето на автоматот спроти парламентот претставува и порака до владејачката коалиција предводена од премиерот Доналд Туск, кој пред изборите во 2023 година вети легализација на абортусот до 12-тата недела. Поради несогласувањата меѓу левичарските и конзервативните партнери во коалицијата, тој закон не доби поддршка, но во октомври долниот дом на парламентот (Сејмот) со тесно мнозинство усвои два предлог-закона – едниот за враќање на тешките аномалии на плодот како законски основ за абортус, а вториот за делумна декриминализација на помагањето при прекин на бременоста.
