Новата генерација украински дронови со среден домет сериозно ги нарушува руските воени линии за снабдување кон јужниот фронт. Дроновите погодуваат мостови, возови, камиони со гориво и други логистички цели, со што Киев се обидува да ги ослабне руските планови за летна офанзива, пишува CNN.
Според анализа на францускиот OSINT аналитичар Клемент Молин, волонтерската група Geoconfirmed и OSINT тимот на CNN, документирани се околу 150 напади врз руски цистерни, камиони и транспортни возила. Повеќето напади се случиле од почетокот на мај, а реалниот број најверојатно е значително поголем.
Украина користи домашно произведени дронови со домет од 50 до 300 километри, меѓу кои се FP-2 и „Бехемот“, дрон кој може да лета со брзина до 180 km/h и носи боева глава од околу 70 килограми.
Киев: целта е отсекување на Крим
Украинските сили за беспилотни системи соопштија дека бројот на мисии со дронови со среден домет се зголемил 28 пати во последната година. Целта, според нив, е да се намали офанзивниот капацитет на руските сили и да се создадат сериозни логистички проблеми. Според аналитичари, Украина се обидува да го отсече Крим од главните линии за снабдување.
Нападите направиле неколку клучни рути меѓу Русија и окупираните територии многу ризични за користење. Како резултат, се пријавуваат недостиг на гориво и муниција за руските сили на југот на Украина. Автопатот меѓу Крим и Мелитопол е полн со остатоци од изгорени камиони и цистерни, додека на самиот Крим се бележат чести недостиг на гориво.
Украинскиот министер за одбрана Михаило Федоров ја опишува стратегијата како „логистичко заклучување“, систематско уништување на руските капацитети длабоко зад фронтот. Според анализите, Украина ја проширила таканаречената „зона на убивање“ до длабочина од 300 километри.
Мостови, возови и клучни линии под удар
Една од главните цели е патот што преку мостот кај Чонхар го поврзува Крим со копното. Украински единици неколку пати го погодија мостот, предизвикувајќи сериозни оштетувања и прекини во сообраќајот. Локалните проруски власти признаа штета и повеќекратни прекини на сообраќајот, при што биле поставувани привремени понтонски мостови.
Поради нападите, мостот преку Керчкиот теснец станува главна рута за снабдување на руските сили на Крим. Тој мост, кој го отвори рускиот претседател Владимир Путин во 2018 година, претходно бил цел на украински напади и се очекува повторно да биде изложен на ризик.
Напади и врз други региони
Украина ги засили нападите и врз пристаништето Мариупол, кое е под руска контрола. Според украинските извори, пристаништето останало без електрична енергија, што дополнително ја нарушува руската логистика. Руски воени блогери сè почесто критикуваат како Министерството за одбрана реагира на нападите.
Според аналитичари од Институтот за проучување на војната, Украина можеби има ограничен временски прозорец за максимално искористување на оваа предност. Аналитичарите оценуваат дека украинскиот систем на дронови на фронтот, зад линиите и длабоко во руската територија значително го намалува офанзивниот капацитет на руските сили и ја менува динамиката на јужниот фронт.