Украина побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН и ОБСЕ по масовните руски воздушни напади. СБУ соопшти дека погодила стратешка нафтена станица во Русија.

Украина бара итен состанок на ОН по жестоките руски напади, СБУ возврати со удар длабоко во Русија

Украина денеска побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации и на ОБСЕ по серијата масовни руски воздушни напади, во кои загинаа најмалку четири лица, а околу 100 се повредени. Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха повика на „решителен одговор кон агресорот“, откако Русија во текот на ноќта изврши напади врз повеќе региони, најмногу околу Киев.

Според украинските власти, во нападите биле оштетени и објекти на Владата и Министерството за надворешни работи во Киев, а Русија, наводно, употребила и балистичка ракета со среден дострел „Орешник“. Претседателот Володимир Зеленски изјави дека нападите претставуваат нова ескалација на руската агресија и порача дека е потребен посилен меѓународен притисок врз Москва.

Во меѓувреме, украинската Служба за безбедност (СБУ) соопшти дека извела успешен одмазднички напад врз нафтената станица „Второво“ во рускиот Владимирски регион. Според СБУ, нападот бил изведен од елитната единица „Алфа“ со беспилотни летала, при што бил предизвикан пожар на површина од околу 800 квадратни метри.

Станува збор за стратешки важен објект управуван од рускиот енергетски гигант „Транснефт“, кој снабдува гориво за московскиот регион и за аеродромите Шереметјево, Домодедово и Внуково. „За разлика од Русија, која напаѓа цивилна инфраструктура, Украина таргетира исклучиво воени и стратешки цели поврзани со руската агресија“, соопшти СБУ, додавајќи дека се подготвуваат нови операции на руска територија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс