Најмалку 32 лица загинаа, меѓу кои и пет деца, а околу 100 се повредени во серија руски воздушни напади врз Украина, соопштија украинските власти. Најтешко погоден е градот Прилуки во северниот регион Чернихив, каде што руска ракета уништи петкатна станбена зграда, а според регионалниот гувернер Вјачеслав Чаус, таму загинале 20 лица, меѓу кои и пет деца.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нападите ги опиша како едни од „најподлите напади“ врз Украина. Според неговите информации, руските сили во текот на ноќта истрелале околу 70 ракети и десетици јуришни дронови „Шахед“ кон различни цели во земјата.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека успеале да пресретнат повеќе од 80 отсто од дроновите, но балистичките ракети остануваат сериозен проблем за украинската противвоздушна одбрана. Зеленски повторно побара дополнителни системи „Патриот“, тврдејќи дека тие се единствените системи со кои Украина располага и кои можат ефикасно да пресретнуваат дел од руските балистички ракети.
Од друга страна, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили извршиле „масовен удар“ врз објекти од украинскиот воено-индустриски сектор. Москва тврди дека меѓу целите биле постројки на украинската компанија „Фајер Поинт“, која произведува крстосувачки ракети и беспилотни летала, како и пристанишна и бродоградбена инфраструктура во црноморскиот регион на Одеса.
Руското Министерство за одбрана, исто така, соопшти дека бил погоден брод кој, според руските тврдења, превезувал воени материјали кон регионот на Одеса. Тврдењата на руската страна за воените цели и степенот на причинетата штета не можат независно да се потврдат.
Зеленски нападите ги поврза и со роденденот на рускиот претседател Владимир Путин. Во своето вечерно видеообраќање тој изјави дека нападите претставуваат своевиден „роденденски подарок“ што Путин си го направил самиот на себе, алудирајќи на загинатите цивили и деца.
Украинскиот претседател истовремено соопшти дека украинските сили во изминатите 24 часа погодиле четири цели на руска територија, меѓу кои две нафтени постројки. Москва и Киев продолжуваат со меѓусебни воздушни напади, додека дипломатските напори за прекин на војната и понатаму не носат траен прекин на борбите.
Во меѓувреме, Европската Унија ѝ одобри на Украина нова финансиска помош во вредност од 1,2 милијарди евра. Помошта доаѓа во период кога Украина се соочува со зголемен притисок врз системот за противвоздушна одбрана и со нови напади врз цивилната и енергетската инфраструктура.