Украден австриски хеликоптер лоциран во Хрватска, сопственикот бара помош

Леталото на олимпискиот шампион Томас Моргенштерн било истуркано од хангар ноќе, а истражителите ги следат трагите кон Јадранот.
Фото: Manuel Aster, Kronen Zeitung

Австриската полиција и армија трагаат по украден австриски хеликоптер Robinson R44 кој кон крајот на септември исчезна од аеродромот Маутерндорф во Салцбург, а неговата рута преку Штаерска и Корушка води кон Хрватска. Сопственикот Мануел Астер испрати меѓународен апел до медиумите, авио-сервисите и пилотите во регионот, откако надлежните служби потврдија дека леталото било детективно на хрватска територија и покрај исклучениот транспондер за следење.

Кражбата на леталото се случила во ноќта кон 28 септември на аеродромот Маутерндорф. Непознати лица провалиле низ задната врата од хангарот, го поставиле хеликоптерот на специјални колички и го изтуркале на пистата. Пред полетувањето, количките биле уредно вратени на своето место внатре.

Околу 1:50 часот по полноќ крадците полетале во непознат правец. Член на локалниот аероклуб го слушнал звукот на моторот, се обидел да стапи во контакт со пилотот и веднаш ги забележал оштетувањата на објектот. Кратко потоа, во 2:30 часот, полицијата го известила сопственикот Мануел Астер, кој најпрвин помислил дека станува збор за лоша шега.

Посебно внимание кај истражителите од криминалистичката полиција во Салцбург предизвикува количината на наточено гориво. Од резервоарите на аеродромот недостасуваат околу 365 литри авионско гориво.

Резервоарот на моделот Robinson R44 собира приближно 170 литри. Полицијата сè уште нема одговор дали сторителите носеле дополнителни канистри или дел од горивото завршило во друго летало. Хеликоптерот воопшто немал опрема прилагодена за сложени ноќни летови.

Хеликоптерот е во сопственост на Астер, но го користела компанијата на познатиот австриски ски-скокач Томас Моргенштерн за туристички и панорамски летови. Трократниот олимписки првак изјави за австрискиот јавен сервис ОРФ дека тој лично управувал со машината само неколку часа пред кражбата.

Австриската војска успеала неколкупати да го лоцира леталото на радарите иако транспондерот бил исклучен. Податоците покажуваат движење низ јужна Австрија кон Блајбург, по што сигналот бил регистриран во Хрватска. Дел од тамошните медиуми наведуваат дека рутата водела кон островот Паг, но австриските власти засега не соопштуваат прецизна локација на слетување.

Станува збор за хеликоптер со темносина боја, препознатливи жолти детали и крупен натпис „Breitling“ на трупот.

Регистрациската ознака OE-XHK е испишана со жолти букви на страничниот дел. Сопственикот апелира секој што забележал сомнително слетување, транспорт на трупот по патиштата или евентуален оглас за продажба на делови, веднаш да ги извести надлежните органи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс