Денес, во периодот од 12 до 14 часот, на сите факултети и институти во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје се одвива тајно гласање за избор на нов ректор. Наставно-научниот кадар одлучува меѓу двајца кандидати за мандатниот период од 16 септември 2026 до 15 септември 2029 година.
Во конкуренција се проф. д-р Биљана Ангелова од Економскиот институт, која се бори за втор ректорски мандат, и проф. д-р Дарко Данев, редовен професор и поранешен декан на Машинскиот факултет.
Во пресрет на гласањето, УКИМ ги објави работните програми на двајцата кандидати на својата веб-страница, заедно со нивните биографски и библиографски податоци, со што јавноста имаше можност да се запознае со нивните профили и планови пред денешниот изборен ден.
Проф. д-р Дарко Данев е редовен професор на Машинскиот факултет и поранешен декан на истиот во два последователни мандата (2016–2023). Својата кандидатура ја темели на богатото менаџерско искуство и ја претставува визија за УКИМ како современ, меѓународно препознатлив универзитет, со акцент на дигитализација, поврзување со индустријата и поддршка на младите истражувачи.
Проф. д-р Биљана Ангелова е редовен професор на Економскиот институт во Скопје и актуелна ректорка на УКИМ од септември 2023 година. Во својот прв мандат приоритет и беа интернационализацијата, модернизацијата на наставните програми и дигитализацијата на студентските сервиси. За втор мандат се кандидира со цел да ги продолжи и надгради досегашните постигнувања.
Гласачко право имаат сите наставно-научни работници на факултетите и институтите запишани во избирачкиот список на Универзитетската изборна комисија. Техничките подготовки беа завршени вчера, кога изборните комисии на единиците го презедоа потребниот изборен материјал.
Првичните резултати се очекуваат уште вечерва, а потоа следува рок за евентуални приговори од 29 април до 5 мај. Предвидена е и можност за прегласување доколку се укаже потреба. Конечниот победник и новиот ректор на УКИМ официјално ќе биде познат на 14 мај.