Најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) денеска избира нов ректор за мандатниот период 2026–2029 година. Во трката за највисоката академска функција се актуелната ректорка проф. д-р Биљана Ангелова и проф. д-р Дарко Данев од Машинскиот факултет.
Гласањето се одвиваше тајно, а право на избор имаа членовите на академската заедница, кои на гласачко ливче зад параван требаше да заокружат еден од двајцата кандидати. Официјалните резултати се очекуваат по 17 часот и ќе бидат објавени на веб-страницата на УКИМ
Проф. д-р Биљана Ангелова ја извршува функцијата ректор од 16 септември 2023 година, кога ја наследи проф. д-р Никола Јанкуловски. Нејзиниот противкандидат, проф. д-р Дарко Данев, доаѓа од Машинскиот факултет, каде претходно ја извршувал функцијата декан.
На изборите во 2023 година, покрај Ангелова, во трката за ректорската позиција учествуваа и повеќе кандидати од различни факултети, меѓу кои проф. д-р Ратко Дуев, проф. д-р Горан Ајдински, проф. д-р Христина Спасевска, проф. д-р Димитар Ташковски и проф. д-р Атанас Кочов.
Денешниот избор ќе ја одреди академската насока на УКИМ во следните три години, во период во кој универзитетот се соочува со низа предизвици поврзани со квалитетот на наставата, финансирањето и меѓународната конкурентност.