Денеска ќе има сончеви периоди, но УХМР предупредува дека времето нема долго да остане стабилно. Веќе од четврток се најавува изолирана нестабилност, а од петок и за време на продолжениот викенд на повеќе места се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, денеска времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни делови од земјата ќе има услови за слаб локален дожд, а ќе дува умерен северен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува и ќе достигнува брзина до 50 километри на час.
Температурите утрово се движат од 5 до 13 степени, додека дневните ќе достигнат од 19 до 26 степени. Во Скопје ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и со умерен, повремено засилен северен ветер. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 24 степени.
Но, сончевите интервали нема да значат стабилен период. Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно и ветровито време, а во четврток локално се очекуваат пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Поголема промена се најавува од петок, кога нестабилното време ќе се прошири на повеќе места. За време на продолжениот викенд локално се можни поинтензивни процеси во форма на невреме, со пообилен пороен дожд над 20 литри на квадратен метар, грмежи и силен ветер со брзина над 60 километри на час.