Search

Училиште за диџеи

Диџеј. Диск-џокеј.

Тоа е она смешното, буцкасто детиште од седми кат кое нема другари и сеуште нема бакнато девојка. Ретко кој му вика здраво по скали и во лифт. Не звучи добро ова, знам. Детиштето мора да преземе мерки. Почнува да се интересира за музика и да ја собира: плочи, даунлоуди, касети, па и ЦДа кога мора. Се што ќе му дојде под рака. Ги памети сите можни информации за сите песни, се опседнува со музичарите… Анегдоти, факти, илузии, делузии… Знае сѐ за сите кои било кога допреле инструмент, ритам машина, или грамофон. Додека слуша музика, истовремено ги свири сите инструменти со рацете и нозете и устата и очите и телото. Испушта звуци на повеќе инструменти во исто време. Звучи потполно лудо. Тоа е вистински диск-џокеј драги мои. Кратко и слатко, наречен диџеј.

Ова е само едно од многуте сценарија по кои се стига до оваа мошне пожелна и навидум супер-атрактивна професија. Всушност, да се биде диск-џокеј, беше далеку нај-прогонуван интерес на преминот од 20тиот во 21виот век, за да во последнава декада, тој нагон се пренасочи кон фотографија и се разбира пишување. До-душа не сум сигурен колку сите пишуваат, но многумина издаваат книги и се претставуваат како писатели. What a time to be alive!

Да се биде диск-џокеј е можеби смешно деновиве, веројатно и тажно и напорно, но секако претставува забава полна со неизвесност и пред се одговорност. И покрај неподносливата леснотија на изговарањето на тој збор во денешно време, да се биде диџеј си носи значајна историска тежина. Диск-џокејот е вкоренет во крајот на 19тиот век, речиси во исто време кога настанале винил – плочите (оттаму и името: јавач на дискови), со што за прв пат луѓето можеле да уживаат во музика без да букираат оркестар. Колку згодно, не? Одеднаш, еден единствен човек можел да ја контролира атмосферата во собата. Токму тоа работи диџејот. Ја организира атмосферата. Ако е добар, атмосферата ќе биде фантастична, ако не е добар, знаете веќе…

Првите радиски диџеи стекнуваат популарност во 30тите години од минатиот век, а веќе во 50тите, во координација со музичката индустрија, пласираат хитови и буквално контролираат што ќе биде најпопуларно и се разбира најпродавано. Кон крајот на 60тите и почетокот на 70тите години од минатиот век, некои диск-џокеи, со помош на нивниот истанчен музички вкус, вибрантен карактер и опасно иновативни техники, буквално прават револуција во музичката уметност и поп културата. Диџејот за момент зазема централно место во протокот на музичката култура (и индустрија) и почнува да има значење на ниво на авторскиот музичар, кој во тоа време е продаван како божество. Да, зборувам за златното време на диско ерата.

Неверојатна експанзија, еволуција, но и комерцијализација, оваа популарна фигура доживува кон крајот на 20тиот и почетокот на овој век, со експлозијата на современата електронска танцова сцена, која претставува високо технолошка, но природна надградба на диско сцената. Тоа е почетокот на ерата на диск-џокеите како супер ѕвезди, раѓањето на најпопуларна амбиција на сите будали деца од последниве три декади.

Со оглед на тоа дека ви се обраќам на темава со повеќе од триесет години искуство како професионален диск-џокеј, морам да споменам дека ВО МОЕ ВРЕМЕ (хахахаах:))) диџеј не се стануваше во училиште. Но токму неверојатниот успех на оваа трансцедентна професија, предизвика потреба да биде сериозно проучувана и да добие соодветна евалуација. Особено ме радува да забележам дека и кај нас се прават првите чекори во овој правец. Имено, од 19ти до 26ти јуни, Арт Бригада и Бруталиск, организираат 10 дневна диџеј – работилница,

со цел информирање за комплексноста на појавата, но и елементарна обука за побезбедно зачекорување во тајните на професијата. Под менторство на извонредната професорка по музика г-ѓа Емилија Ристановска и неколку добро познати и искусни македонски диск-џокеи меѓу кои и јас самиот, работилницата ќе можат ја посетуваат 15 лица на возраст од 16 до 19 години. Младите ќе можат да се запознаат со основните постулати на оваа популарна дејност и да бидат упатени во техничките, но и психолошки детали, кои е корисно да ги знае секој, кој би се предизвикал себе си да стане диск џокеј во денешно време. А времето е комплексно и воопшто не би можел да се заколнам дека им е наклонето на младите кандидати. За школата можете да се пријавите уште веднаш, во инбокс на профилот на Бруталиск на Фејсбук (https://www.facebook.com/Brutaliskopje).

Со мала доза на непријатност дека ве канам на училиште токму во денот кога започнува распуст, ќе ве вратам на почетната приказна за нашето детиште од седми кат. Или беше од четврти? Нашиот диџеј. Херојот на роденденските забави од основно. Селекторот на музика за средношколските журки. Ако судиме според натапканоста на неговите нејаки рамена, неговиот круг на пријатели сега веќе е повеќе од солиден. За Нова година во трета се бакна (читај: залапа) со една прекрасна девојка. Од таа вечер почна редовно да мие заби. Само напред и се гледаме.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни