Генерацијата З излезе на улица во 25 земји: пари за училишта, не за оружје

Генерацијата што порасна со пандемијата, климатската криза и војните бара државите да вложуваат во училиштата, домувањето и јавните услуги наместо во вооружување. Организаторите велат дека ова е само почеток.
epa13311956 Protesters face police during the 'Italia in Piazza' demonstration in Milan, Italy, 17 October 2026. The demonstration is part of protests organized across Italy over rising living costs, low wages and concerns about public healthcare and education. EPA/MATTEO CORNER

Ученици и студенти од повеќе од 25 европски земји вчера ги напуштија училниците и излегоа на улиците. Станува збор за координиран ден на акција под слоганот „Се бориме за нашата иднина, не за нивните војни“. Повикот го упатија повеќе од 50 младински и студентски организации, кои се залагаат за подобро образование и достапно домување, а се противат на милитаризацијата, климатската криза и растот на трошоците за живот. Организаторите планирале протести во 400 градови и го најавија денот како најголем координиран младински протест во Европа во последните години.

Најмасовни беа протестите во Италија, каде што младите се приклучија на генералниот штрајк на најголемата синдикална конфедерација. Штрајкот траеше 24 часа и предизвика демонстрации во повеќе од 100 градови, меѓу кои Милано, Торино, Неапол, Палермо и Рим. Во него беа опфатени јавниот и приватниот сектор, а во повеќе градови јавниот превоз беше намален или целосно прекинат. Последиците се почувствуваа и во училиштата и во дел од здравствените установи. Синдикатот тврди дека ширум земјата учествувале повеќе од еден милион луѓе. Во Рим илјадници демонстранти маршираа покрај Колосеумот кон Министерството за образование. Помала маскирана група фрлала петарди и предмети, но протестот во целина поминал мирно.

Во Германија, еден од најголемите собири се одржа во Берлин, каде што илјадници луѓе маршираа под паролата „Генерацијата З одлучува“. Германските демонстранти бараат повеќе средства за образование и се противат на можното враќање на задолжителниот воен рок. Протестите следуваат по собирите од 31 октомври, кои исто така привлекоа илјадници луѓе, а во некои градови прераснаа во насилни инциденти. Во Виена неколку стотици луѓе се собраа пред Виенскиот универзитет, но полицијата го растера собирот по пријавени инциденти, употребувајќи бибер-спреј и приведувајќи неколку лица.

Во Лондон, на плоштадот пред Парламентот, младите се соочија со група од спротивставено десничарско движење, по што полицијата мораше да ги раздвојува двете страни. Во Франција собирите беа помали од неодамнешните протести за условите во училиштата, кои прераснаа во пошироко движење против трошоците за живот и во најголемите немири во земјата во последните години. Бранот на протести започна и порано: на 4 ноември, студенти во Данска протестираа пред парламентот во Копенхаген против кратењата во образованието.

Од земјите во регионот, во извештаите за протестниот ден се споменува Хрватска. Таму учениците и студентите бојкотираа настава и протестираа во десетина градови, барајќи повеќе вложувања во образованието, домувањето и јавните услуги наместо во воените буџети. Тоа се истите барања што одекнуваа и на улиците во Рим, Берлин и Лондон.

Манифестот на движењето предупредува дека милитаризацијата навлегува во училиштата и универзитетите преку воено регрутирање, истражувања финансирани од оружената индустрија и партнерства со институции поврзани со војни. Затоа младите бараат образование ослободено од воени интереси.


Ова е генерација чие тинејџерство го обележаа пандемијата на ковид-19, климатските промени и војните во Украина, Газа, Судан и Иран. Сега младите стравуваат дека светските лидери ја загрозуваат нивната иднина, кратејќи ги средствата за јавните услуги за да ги зголемат воените буџети. Организаторите порачуваат дека 20 ноември не е еднократен настан, туку почеток на подолга кампања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс