Француски турист убиен во Ксамил, осомничениот бил најден во багажник на автомобил

Француски турист бил пронајден мртов во Ксамил, Албанија. Полицијата уапсила 29-годишен осомничен, кој според медиумите бил најден во багажник на автомобил.

Француски државјанин утрово бил пронајден мртов на лежалка во албанското туристичко село Ксамил, објавија албанските медиуми.

Според првичните информации, 20-годишниот турист Мигел Мендес бил избоден со нож пред бар на плажа. Полицијата се сомнева дека нападот се случил по расправија околу девојка.

Главен осомничен за убиството е 29-годишниот Сократ Вата од Хас.

Осомничениот побегнал по нападот

Според првичните информации од полицијата, Вата побегнал веднаш по нападот, по што била организирана потрага.

По неколку часа, полицијата го уапсила во Леван, во областа Фиер.

Албанските медиуми објавија дека бил пронајден како се крие во багажник на автомобил.

Имало расправија пред бар на плажа

Според досегашните информации, нападот се случил пред бар на плажа во Ксамил.

Полицијата го истражува случајот, а како можен мотив се наведува расправија околу девојка.

Засега нема повеќе официјални детали за околностите под кои дошло до нападот.

Осомничениот имал криминално досие во Велика Британија

Албанските медиуми објавуваат дека Вата имал криминално досие во Велика Британија, каде во 2024 година бил уапсен и осуден за дела поврзани со трговија со дрога.

Според објавените информации, тој бил уапсен во Англија поради два одделни инциденти поврзани со полициски потери, трговија со кокаин и опасно возење.

Во еден од случаите, полицијата во Кембриџ го забележала како вози украден автомобил. Тој се обидел да избега, а за време на потерата, според информациите, фрлил пакет со кокаин во грмушки.

Кај него биле пронајдени и 560 фунти, а тестирањето покажало дека возел под дејство на дрога.

Признал вина пред суд во Кембриџ

Во друг случај, во Кент, Вата не застанал на полициски знак и со автомобил со клонирани регистарски таблички предизвикал сообраќајна несреќа.

Во возилото биле пронајдени вреќички со кокаин и регистарски таблички.

Тој бил изведен пред Судот во Кембриџ, каде признал вина за поседување дрога од класа А со намера за продажба, две точки за опасно возење, поседување канабис и возење под дејство на дрога.

Според албанските медиуми, бил осуден на пет години затвор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс