Уапсен осомничениот за убиството на 19-годишниот матурант во Хрватска

Хрватската полиција по 28 часа бегство го уапси 50-годишниот Кристијан Алексиќ, осомничен за убиството на 19-годишен матурант во Дрниш.

По 28 часа бегство, хрватската полиција го уапси 50-годишниот Кристијан Алексиќ, осомничен за убиството на 19-годишен матурант во Дрниш. Трагедијата ја потресе цела Хрватска, а за утре е прогласен ден на жалост.

Осомничениот бил уапсен утрово околу 2:30 часот, по повеќечасовна потрага. Со лисици на рацете и наведната глава, тој претпладне бил префрлен од Дрниш во шибенската полиција на натамошна постапка, а во текот на денот бил предаден на притворски надзорник.

„Станува збор за страшна трагедија која со право ја потресе цела Хрватска. Хрватската полиција е обучена и подготвена да одговори на најопасните безбедносни ситуации и секој што бега од законот мора да знае дека ќе биде пронајден“, изјави министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ.

Убиениот 19-годишник бил матурант од Дрниш и спортист. Според хрватските медиуми, викендот работел достава за локална пицерија, заменувајќи пријател.

Неофицијално, доставувачите се плашеле да одат на адресата на осомничениот, а младиот човек наводно се понудил да оди заедно со колегата, верувајќи дека нема да има проблем.

Не е целосно познато што точно се случило кога доставувачите пристигнале пред куќата. Според хрватските медиуми, 19-годишникот излегол од возилото и се упатил кон домот, по што се слушнале истрели. Неговиот колега избегал во паника и веднаш ја повикал полицијата.

Полицијата потврди дека осомничениот 50-годишник ѝ бил познат од претходно. Во 2023 година против него била поднесена кривична пријава до Општинското државно обвинителство во Шибеник за недозволено поседување, изработка и набавување оружје и експлозивни материи.

„Слободна Далмација“ дополнително објави дека истиот човек во 2002 година бил осуден на 12 години затвор за тешко убиство извршено во 1994 година.

Дрниш е завиен во црно, а локалните жители велат дека ваква трагедија не се памети во тој крај. Знамињата се спуштени на половина копје, а во училиштето во кое учел убиениот матурант ќе биде обезбедена стручна психолошка помош за учениците и наставниците.

„Изгубен е еден млад живот. Уништено е едно семејство. Немам што друго да кажам. Туга и жалост“, изјави еден од жителите.

Мештаните за убиениот млад човек имаат само пофални зборови, опишувајќи го како добро момче, матурант и млад човек кој работел за да заработи џепарлак.

Случајот предизвика силни реакции во јавноста, а хрватската полиција продолжува со активности за целосно расчистување на трагедијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс