Полициски службеници од Надворешната канцеларија за криминалистички работи – Гостивар привеле 29-годишен маж од гостиварското село Здуње, по пријава за сексуално насилство врз малолетничка и објавување компромитирачки материјали на социјалните мрежи.
Од СВР Тетово информираат дека случајот бил пријавен од 42-годишен жител на Гостивар, татко на малолетната жртва.
Според пријавата, пред неколку месеци, на подрачјето на Гостивар, машко лице кое управувало црн автомобил „фолксваген“ ја пресретнало неговата малолетна ќерка. Во пријавата се наведува дека лицето употребило физичка сила и ѝ упатувало закани на девојчето и на нејзиното семејство.
„Сторителот ја пресретнал малолетната ќерка на пријавителот и со употреба на физичка сила извршил кривично дело врз неа, упатувајќи ѝ закани по нејзиниот живот и животот на нејзиното семејство“, изјави портпаролот на СВР Тетово, Фатмир Реџепи.
На 22 април 2026 година, на социјалните мрежи биле објавени компромитирачки фотографии и видеа од малолетната жртва. По добиената пријава, полицијата презела оперативни мерки и го лоцирала осомничениот.
Биле извршени претреси на две локации — во домот на осомничениот во селото Здуње и во објект во селото Равен, каде што престојувал. При претресите биле одземени лаптоп, мобилен телефон, УСБ-меморија и други предмети, кои ќе бидат предмет на вештачење.
Осомничениот е задржан во полициска станица за понатамошна постапка. По документирање на случајот, до надлежното обвинителство ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.