Поради зголемените тензии на Блискиот Исток и конфликтот со Иран, туристичкиот сектор на Кипар ова лето се соочува со сериозни проблеми. Намалениот број туристи веќе ги погоди хотелите, рестораните и изнајмувачите, а многу плажи и туристички места остануваат полупразни.
Според локалните проценки, хотелските резервации во март паднале за околу 40 проценти, а негативниот тренд продолжил и во април. Од компанијата „Hermes Airports“ предупредуваат дека бројот на туристи во текот на летната сезона може да биде помал за речиси половина милион посетители.
Главната причина е чувството на несигурност кај туристите, бидејќи Кипар се наоѓа во близина на кризното подрачје. Островот е оддалечен помалку од 300 километри од Израел и Либан, па многу европски туристи годинава избираат побезбедни и подалечни дестинации, меѓу кои најмногу се издвојува Шпанија.
Дополнителна загриженост предизвикал и нападот со дрон врз британската воена база Акротири на југот од островот, што уште повеќе влијаело врз довербата на туристите.
Туризмот има огромно значење за економијата на Кипар, бидејќи носи околу седум проценти од бруто-домашниот производ. Експертите сметаат дека ситуацијата би можела постепено да се подобри доколку се намалат тензиите во регионот.
Во пресрет на шпицот на летната сезона, туристичките работници внимателно ја следат состојбата и се надеваат дека ќе има барем мало зголемување на бројот на гости, што би помогнало делумно да се спаси сезоната.