Иако бројот на туристи во Македонија во февруари пораснал, тоа не се одразило и врз бројот на ноќевањата. Според најновите статистички податоци, во земјава во текот на месецот престојувале 48.654 туристи, кои оствариле 94.652 ноќевања. Тоа значи дека има раст од 5,8 проценти кај посетите во споредба со лани, но мало намалување од 0,3 проценти кај ноќевањата.
И во февруари најголем дел од туристичкиот промет го правеле странските гости. Тие учествуваат со 67,4 проценти во вкупниот број туристи, додека домашните сочинуваат 32,6 проценти. Сличен е односот и кај ноќевањата, каде странците имаат удел од 61,9 проценти, а домашните туристи 38,1 процент.
На листата на најбројни странски гости повторно се наоѓаат туристите од Турција, со 5.011 регистрирани посетители во февруари. По нив следуваат гостите од Грција, Србија и Германија, што покажува дека и понатаму најсилниот прилив доаѓа од регионот и од неколку традиционални европски пазари.
Ако се погледне периодот јануари-февруари, бројките покажуваат умерен раст на туристичкиот сектор. Во првите два месеци од годинава се регистрирани 101.597 туристи, што е за 6 проценти повеќе во споредба со истиот период лани. Раст има и кај домашните и кај странските гости.
Но, и покрај тоа што Македонија ја посетиле повеќе луѓе, вкупниот број ноќевања во овој период е намален за 1,6 проценти и изнесува 198.635. Падот е особено видлив кај странските туристи, што упатува на тоа дека се доаѓа почесто, но се останува пократко.