Турција во акција по пукањето во училиштата: блокирани профили и 162 приведени

Турската полиција приведе 162 лица и блокираше над 1.100 профили поради онлајн објави поврзани со две смртоносни пукања во училишта. Властите предупредуваат на ширење паника и дезинформации.
Foto: Petros Karadjias/AP

Турската полиција приведе 162 лица под сомнение дека на интернет објавувале содржини поврзани со две смртоносни пукања во училишта што се случија оваа недела, јавува BBC. Во вториот напад, кој се случи во средата, загинаа десет лица, само еден ден по одвоена пуцњава во која беа повредени 16 лица.

Според турските власти, во нападот во средното училиште „Ayser Çalık“ во градот Кахраманмараш загинаа осум ученици и еден наставник, а уште 13 лица беа ранети, од кои дел се во критична состојба. Напаѓачот, 14-годишно момче, потоа извршил самоубиство.

Локалното обвинителство соопшти дека напаѓачот однапред го планирал нападот, а на неговиот компјутер бил пронајден документ со датум 11 април 2026 година, кој укажувал на намера за изведување „голема операција“.

Турските медиуми наведуваат дека напаѓачот носел неколку оружја и муниција, а на профилната фотографија на социјалните мрежи алудирал на познат масовен убиец од САД. Ден претходно, во вторник, во посебен инцидент во стручна и техничка средна школа во околината на Сиверек, беа повредени 16 лица, откако поранешен ученик отвори оган со ловџиска пушка, по што си го одзел животот.

По нападите, на социјалните мрежи се појавија илјадници објави, дел од нив со вознемирувачки содржини и дезинформации. Министерот за правда Акин Ѓурлек соопшти дека 95 лица се приведени поради објавување снимки и содржини поврзани со нападите, и покрај забраната за нивно споделување, како и за ширење паника и лажни информации.

Властите соопштија и дека се ограничени повеќе од 1.100 профили на социјалните мрежи. Во посебна акција биле приведени уште 67 лица поради објави во кои наводно се најавувале нови напади. Турските власти предупредуваат дека онлајн содржини што шират страв, дезинформации или ја величаат насилната содржина ќе бидат строго санкционирани.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни