Бројот на заминувања на високи функционери од администрацијата на Доналд Трамп во неговиот втор мандат значително се зголеми, покажуваат најновите податоци. Во првите 18 месеци од мандатот, своите позиции ги напуштиле 27 функционери чие именување било потврдено од Сенатот, што претставува стапка од 11,4 проценти, објави The Hill.
За споредба, во истиот период од неговиот прв мандат во 2017 година биле регистрирани 11 заминувања. Според анализата на непрофитната организација Partnership for Public Service, оваа бројка ги надминува и податоците од администрациите на Џорџ В. Буш, Барак Обама и Џо Бајден во истиот временски период.
Само оваа година од функција се повлекоа три министри: Кристи Ноем од Министерството за домашна безбедност, Пам Бонди од Министерството за правда и Лори Чавез-ДеРемер од Министерството за труд. Ноем подоцна беше назначена за специјална пратеничка за коалицијата против трговија со дрога во западната хемисфера.
Во првите две недели од јули, администрацијата ја напуштија уште четворица функционери со сенатска потврда, меѓу кои и Тина Пирс од Министерството за енергетика и генерал-мајорот Џон Бартрум од Министерството за ветерани.
Во меѓувреме, започна и процесот на пополнување на испразнетите позиции. Министерството за домашна безбедност го презеде Марквејн Мулин, додека за нов министер за правда е предложен Тод Бланш, кој досега ја извршуваше функцијата како вршител на должност. За Министерството за труд е предложен Кит Сондерлинг.
Анализата покажува дека најголем одлив има во Министерството за здравство и социјална заштита, од каде заминале четири функционери, како и во Министерството за финансии, каде што се регистрирани шест заминувања.
И покрај ова, една позиција останува стабилна – шефицата на кабинетот во Белата куќа, Сузи Вајлс, која ја извршува функцијата од почетокот на вториот мандат на Трамп и веќе има најдолг стаж на оваа позиција во неговите администрации.