Околу 44% од земјоделците годишно страдаат од труење со пестициди, покажува студија

Околу 385 милиони луѓе на нивите ширум светот секоја година претрпуваат акутни труења од хемикалии, а 11.000 завршуваат фатално.
Фото: Josephine-v-G, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Околу 44 отсто од земјоделските работници во светот секоја година доживуваат акутно труење со пестициди, објави меѓународната мрежа „Pesticide Action Network“ (PAN) врз основа на научна студија. Податоците покажуваат дека приближно 385 милиони земјоделци и фармери годишно претрпуваат сериозни здравствени последици од директниот контакт со токсични агрохемикалии. Истражувањето предупредува дека бројот на вакви труења драстично порасна во однос на претходните проценки на Обединетите нации.

Глобалната студија проценува дека околу 11.000 земјоделци годишно умираат од ненамерно, акутно труење со токсични хемикалии. Оваа бројка не ги вклучува самоубиствата со пестициди, кои според проценките на Светската здравствена организација надминуваат 100.000 случаи годишно.

Најголемиот дел од настраданите фармери се соочуваат со симптоми како губење свест, повраќање, треперење на мускулите, конвулзии и главоболки. Истражувачите нагласуваат дека реалните бројки за акутни интоксикации веројатно се уште повисоки, бидејќи многу земјоделци во неразвиените рурални средини немаат пристап до лекарска помош и никогаш официјално не го пријавуваат труењето.

Најтешко погодени се регионите во Јужна Азија и Југоисточна Азија, како и земјите од потсахарска Африка, каде што заштитната опрема е ретко достапна или скапа за локалните производители. Според податоците од студијата, во овие делови од светот над половина од испитаните земјоделци пријавиле барем едно труење во текот на само една работна година.

За разлика од глобалниот југ, во развиените земји во Европа и Северна Америка стапката на акутно труење е значително помала поради построгите законски регулативи и забраната за најопасните класи на пестициди. Сепак, токсичните супстанци забранети за употреба на европско тло честопати легално се извезуваат и продаваат токму во земјите во развој.

Претходната сеопфатна процена на Обединетите нации од 1990 година регистрираше околу 25 милиони случаи на труење годишно, што покажува дека сегашниот обем од 385 милиони интоксикации претставува огромен пораст. Ваквиот скок директно корелира со растот на производството и потрошувачката на агрохемикалии во изминатите три децении.

Според авторите на извештајот, светската употреба на пестициди е зголемена за над 80 отсто од почетокот на деведесеттите години, поттикната од интензивното индустриско земјоделство. Научниците и еколошките организации апелираат за постепено укинување на високоопасните пестициди и премин кон агроеколошки практики со цел заштита на здравјето на производителите на храна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс