Фондот за здравствено осигурување во 2025 година исплатил 27,6 милиони евра за боледувања – за 22,9 отсто повеќе од претходната година. Најголем раст има кај боледувањата поради заболувања.

Трошоците за боледувања достигнаа 27,6 милиони евра: ФЗО исплатил рекордни суми, најмногу за болести

Трошоците за исплата на боледувања во Македонија продолжуваат да растат, а во 2025 година достигнале 27,6 милиони евра, покажува годишниот извештај на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Во споредба со претходните години, расходите бележат значителен раст. Во 2024 година за оваа намена биле потрошени 22,6 милиони евра, а во 2023 година околу 19 милиони евра.

Според извештајот, во 2025 година расходите за боледувања се зголемиле за 22,9 проценти, односно за околу 318,7 милиони денари. Министерот за здравство Сашо Клековски неодамна изјави дека бројот на боледувања до 30 дена во 2025 година е зголемен за 33 проценти во споредба со 2021 година, иако таа беше обележана со голем број отсуства поради пандемијата на ковид-19.

Тој посочи дека бројот на долготрајни боледувања останува релативно стабилен – околу 25.000 годишно, но средствата што се исплаќаат за нив значително пораснале.

„Правилата за боледување не се ревидирани од 2012 година и по 14 години е неопходно повторно да се разгледаат. Потребни се поголеми контроли таму каде што постои ризик од злоупотреби, но и намалување на бирократијата“, изјави Клековски.

Во текот на 2025 година, ФЗО одобрил 24.545 права на боледување кои се на товар на Фондот, што е 4,5 проценти повеќе отколку во 2024 година. Најголем пораст е забележан кај боледувањата поради заболувања, чиј број се зголемил од 17.262 во 2024 година на 18.095 во 2025 година. Зголемување има и кај боледувањата за нега на член на семејството (3,8 проценти), како и кај професионалните заболувања и повредите на работа (2,2 проценти).

Според податоците на Фондот, на секои 1.000 вработени осигуреници, 41 лице користело боледување кое се исплаќа на товар на ФЗО. Иако ова е само за еден повеќе од претходната година, континуираниот раст на исплатените средства отвора прашања за одржливоста на системот и можните измени на правилата за користење боледување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс