Три лица се пронајдени починати во превртено возило „мерцедес“ со германски таблички на патот кон граничниот премин Блаце, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според телевизијата Алсат, жртвите се државјани на Косово кои претходно биле преземени од скопскиот аеродром.
Несреќата е пријавена во неделата вечерта, околу 22:35 часот. Екипи на СВР Скопје излегле на местото на настанот на патот помеѓу Блаце и Скопје, каде утврдиле дека во превртеното возило се наоѓаат едно машко и две женски лица. Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај сите тројца патници.
Истиот ден, во 13:40 часот, државјанин на Косово пријавил во Полициската станица Бит Пазар дека три лица се исчезнати. Тој навел дека последниот контакт со нив го имал во саботата, 18 јули, околу 22:15 часот, кога тие се наоѓале на Меѓународниот аеродром Скопје.
Според информациите на телевизија „Алсат“, жртвите се државјани на Косово. Две од лицата биле преземени од скопскиот аеродром, по што тргнале кон Косово, но несреќата се случила пред да ја поминат границата. Семејствата претходно бараа помош од јавноста преку социјалните мрежи и медиумите за нивно пронаоѓање, наведувајќи дека последен пат биле видени во саботата вечерта во Скопје.
Полицијата работи на утврдување на причините за тешката сообраќајна несреќа. Истрагата е во тек.