За 24 часа три лица приведени за семејно насилство, со четири извршен службен разговор

Закани, физички напади и пријави од поранешни партнери, родители и деца одбележаа ново деноноќие со случаи на семејно насилство во повеќе градови.

Во последните 24 часа полицијата приведе три лица, а со уште четири беа извршени службени разговори по пријави за семејно насилство во Скопје, Охрид и гостиварско. Случаите вклучуваат закани, физички напади врз родители, деца и поранешни партнери, а во дел од интервенциите биле пронајдени и нож и бела прашкаста материја.

Во еден од случаите, на 17 април во 6:35 часот, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода 22-годишниот М.Ж. од Скопје, откако бил пријавен дека пред станбена зграда во Кисела Вода, а и во претходните денови, му упатувал закани на својот 64-годишен татко, при што користел и нож. При преглед кај него биле пронајдени нож и дробилка со остатоци од марихуана.

Неколку часа подоцна, на 18 април во 00:40 часот, била приведена и 44-годишната М.П. од Скопје. Според пријавата, таа на 16 април на подрачјето на Карпош му упатувала закани на својот 64-годишен поранешен сопруг и на нивните деца. Во пријавата се наведува и дека тој подолг период трпел психичко и физичко насилство. При преглед кај неа била пронајдена и одземена бела прашкаста материја.

Во Скопје биле евидентирани и други случаи на семејно насилство. Жена на 42-годишна возраст пријавила дека во семејната куќа во Шуто Оризари била физички нападната од нејзиниот 40-годишен брат, по што со него бил извршен службен разговор. Дополнително, 76-годишен маж од Драчево пријавил дека по расправија бил физички нападнат од неговиот 50-годишен син и 46-годишна ќерка, а навел и дека и претходно трпел психичко и физичко насилство, но не го пријавувал. Со двајцата бил извршен службен разговор.

Во Охрид, пак, бил извршен службен разговор со 46-годишен маж, откако неговата поранешна сопруга пријавила дека во повеќе наврати физички го напаѓал нивниот малолетен син за време на викендите кога престојувал кај него, согласно решение на Центарот за социјални работи. Последниот пријавен случај, според информациите, се случил на 17 април околу 22 часот.

Уште едно лице било лишено од слобода и во гостиварско. Полициски службеници од Полициското одделение Галате го привеле Е.М., по пријави дека упатувал закани кон неговата 35-годишна поранешна партнерка и кон нејзиното семејство.

Од полицијата велат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и дека по нивно целосно документирање ќе следуваат соодветни пријави против сторителите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни